Данска за уште шест месеци ги продолжи граничните контроли по должината на границата со Германија, соопшти денеска данското Министерство за правда.
Првично воведена како привремена мерка на почетокот на 2016 година, мерката дозволува проверки на пасошите на луѓето што ја преминуваат границата, без разлика дали по пат или железница, пренесе ДПА.
Министерот за правда, Петер Хумелгард, се осврна на „сериозна безбедносна ситуација“ во оправдувањето на продолжувањето. На данската полиција тоа и е потребно во борбата против тероризмот и прекуграничниот криминал, рече тој.
Данските гранични власти неодамна набавија дрон за да ѝ помогнат на полицијата во нивната работа.
Првично воведена за време на бегалската криза во 2015-16 година, мерката постојано се обновува со различни оправдувања.
Од април 2023 година, фокусот е ставен на борбата против криминалот, при што полицијата е распоредена во внатрешноста, а не само на границата. Министерството за правда соопшти дека ова имало позитивен ефект врз борбата против прекуграничниот криминал.
Данска и Германија се членки на Шенген зоната, која теоретски ги отвора границите и овозможува слободно патување. Зголемената загриженост за нерегуларната миграција доведе до тоа многу земји-членки да ги зголемат граничните проверки.