Интервју за „Аналитикум“ со претседател на Партијата на Слободата во Мала Преспа и македонскиот активист Панди Јани.
Тема: Парламентарните избори 2025 во Р. Албанија.
Аналитикум: Како ја оценувате моменталната политичка клима во Албанија пред парламентарните избори? Дали опозицијата е подготвена за вистински натпревар?
Панди Јани: Политичката клима во Албанија е тензична, но и полна со надеж. Луѓето се уморни од еднопартиска доминација, корупција и неисполнети ветувања. Опозицијата конечно покажува знаци на организираност и единство, што долго време ѝ недостасуваше. Постои реална шанса, ако се остане доследно, овој пат да се случи вистинска политичка промена.
Аналитикум: Што конкретно се прави на терен во рамки на предизборните активности? Како опозицијата се поврзува со граѓаните, особено во руралните и малцински средини?
Панди Јани: Се прават средби со граѓани, дебати и посети на рурални средини. Нашата цел е да допреме до сите кои со години се заборавени. Во Голо Брдо, Гора и Преспа, особено кај Македонците, мора да се испрати порака дека тие не се оставени сами.
Аналитикум: Како ја гледате коалицијата помеѓу Васил Стерјовски и Социјалистичката партија на Еди Рама?
Панди Јани: Таа коалиција е пример за тоа како се ставаат лични и политички амбиции над колективниот интерес. Васил Стерјовски ја користи партијата како лична алатка, а преку таа коалиција со Еди Рама, директно придонесе за молчење пред асимилаторските процеси што се случуваат врз Македонците. Тие двајца ги врзува заеднички интерес – политичко опстанување. Македонските интереси се жртвувани на сметка на нивните договори зад затворени врати.
Аналитикум: Колку е поддршката за Еди Рама навистина силна, а колку е резултат на медиумска доминација и институционална контрола?
Панди Јани: Поддршката за Рама не е толку силна колку што изгледа – таа е плод на медиумска пропаганда, притисок врз администрацијата и злоупотреба на јавни ресурси. Но народот веќе ја чита таа игра, и тоа ни дава сила.
Аналитикум: Дали опозицијата има стратегија како да се спротивстави на евентуални изборни манипулации или злоупотреби на државни ресурси?
Панди Јани: Се работи на тоа. Преку меѓународно набљудување, обука на изборни набљудувачи и правна поддршка, ќе се направи сѐ за да се заштити секој глас.
Аналитикум: Колку според Вас е реално да се случи вистинска политичка промена во 2025 година и кои би биле првите чекори на нова власт?
Панди Јани: Промената е реална ако останеме доследни и обединети. Првите чекори би биле реформа во правосудството, деполитизација на администрацијата и поддршка на економски развој во најзапоставените региони, како што се областите каде живеат Македонци.
Аналитикум: Каква е улогата на меѓународниот фактор во следењето на изборниот процес и дали очекувате силна поддршка за фер и демократски избори?
Панди Јани: Очекуваме дека меѓународниот фактор ќе биде активен и внимателен. Но најважната поддршка мора да дојде од народот – од граѓаните кои ќе го бранат својот изборен глас.
НАЈАВА: Следното интервју на „Македонски глас“ ќе биде со секретарот на Демократската партија, Фламур Нока, во Албанија. Ќе разговараме за нивната стратегија за претстојните избори, можностите за соработка со македонските претставници и визијата за заштита на малцинските права. Следете нè!