Вапцувањето црвени јајца за Велигден е најраспространетата традиција во сиот христијански свет.
Вапцувањето започнува денеска на Велики Четврток. Домаќините, рано наутро, пред изгревањето на Сонцето ги бојадисуваат првите три црвени Велигденски јајца.
– Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – христовите ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото Предание. Велигденското јајце е старо колку и Христијанството, вели професорот на Богословскиот факултет во Скопје, Ратомир Грозданоски.
Објаснувајќи го значењето на црвеното јајце и зошто е земено за традиција, Грозданоски појаснува дека велигденското јајце црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите Христијани и современици на апостолите почнале да вапцуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувјаќи се со радосниот поздрав Христос Воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе!
Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во Воскресението. Оваа практика и до ден -денес е запазена во Светото Православие, па верниците со овој поздрав се поздравуваат се до Вознесението Христово, Спасовден.
Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Бојата на јајцето не потсетува и на крвта Христова и на спасението.
Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието се знае дека на Велики Четврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна Причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристијата е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причесна ги украсува и Велигденските јајца.