Червар: Ракометот со вакви правила не заслужува да е на ЛОИ 2028

Најтрофејниот хрватски ракометен стратег Лино Червар јавно изрази сериозна загриженост не само за состојбата во репрезентативниот ракомет, туку и за иднината на самиот спорт, посочувајќи дека актуелните правила и начинот на нивна примена го нарушуваат основниот принцип – праведноста.

„Ако правилата наскоро не се променат, мислам дека ваков спорт и не заслужува да биде дел од Олимписките игри во 2028 година. Причината е јасна – судиите не ја делат правдата. А правдата мора да биде основа на секој спорт,“ истакна Червар.

Тој нагласи дека Хрватска не е единствената репрезентација која се почувствувала оштетена, туку дека станува збор за поширок проблем што го погодува европскиот и светскиот ракомет.

„Ние тоа го почувствувавме на сопствена кожа, но и други селекции. Потребно е да се направи нешто за да не може влијание од страна да има врз правилата и судиските одлуки. Вака поставениот систем само ги мотивира луѓето да вршат притисок, а тоа директно влијае врз судиите и ја нарушува рамноправноста на натпреварите,“ додаде тој.


Червар не го поштеди ниту начинот на кој се користи технологијата и комуникацијата со публиката за време на натпреварите, оценувајќи ја како застарена и несоодветна за модерниот спорт.

„Овој ‘шоу-момент’ кога судијата ѝ објаснува на целата сала што досудил ми е навистина смешен. Тоа е назадна технологија, нешто што се правело пред 50 години,“ рече искусниот стратег.

Посебна критика упати и на организацијата на последното Европско првенство, кое според него изобилувало со сериозни пропусти.

„Организациските проблеми на Европското првенство беа неверојатни, но тоа е посебна тема. Играњето натпревари ден по ден, со помалку од 24 часа одмор, е апсолутно недозволиво и опасно за здравјето на играчите,“ заклучи Червар.