Цените на нафтата паднаа под 98 долари

Цените на нафтата денеска паднаа под 98 долари на меѓународните пазари, поттикнати од оптимизмот дека САД и Иран се блиску до рамковен договор за прекин на конфликтот и нормализација на транспортот низ Ормускиот Теснец.

На лондонскиот пазар цената на барел нафта попладнево беше пониска за 5,65 долари во однос на затворањето на тргувањето минатата недела и изнесуваше 97,89 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше за 91,17 долари, што е пад од 5,43 долари.

Пазарите ги охрабрија сигналите за напредок во мировните разговори меѓу Вашингтон и Техеран.

Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека САД и Иран во голема мера го „заокружиле“ договорот што треба повторно да го отвори Ормускиот Теснец и да овозможи нормален транспорт на енергенси од Персискиот Залив.

Иран претходно ја презеде контролата над теснецот по американско-израелските напади, забранувајќи премин за бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници, додека бродовите од „пријателски“ земји поминуваат со координација со иранската војска.


Во меѓувреме, САД од април ги блокираат иранските пристаништа со воени бродови во Оманскиот Залив и Арапското Море.

Пакистан ги засили посредничките напори меѓу Вашингтон и Техеран, а договорот го поддржуваат и Катар и Саудиска Арабија.

Иранската агенција „Тасним“ објави дека се разгледува можност за привремено суспендирање на американските санкции за продажба на иранска нафта и петрохемиски производи за време на преговорите.

Според аналитичарите, евентуалниот договор би можел да придонесе за намалување на цените на горивата пред летната туристичка сезона, иако предупредуваат дека целосната нормализација ќе трае со месеци поради оштетената нафтена и гасна инфраструктура.

Во понеделникот од Ормускиот Теснец испловија два танкери со течен природен гас кон Пакистан и Кина, додека супертанкер со ирачка нафта кој речиси три месеци чекал дозвола за транзит, исто така го напушти Персискиот Залив.