На важноста на регионалната поврзаност како клуч за енергетска стабилност на поширокиот регион и на енергетските проекти што секоја земја ги спроведува се осврнаа учесниците на панел-дискусијата на конференцијата за енергетика во Атина, меѓу кои и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која посочи дека ни е потребна поголема регионална интеграција и интерконекција, а паралелно се осврна и на актуелната ситуација на Блискиот Исток нагласувајќи дека ако војната не заврши набргу, целиот свет ќе биде засегнат – јави дописничката на МИА од Атина.
На министерскиот панел „Исполнување на целите до 2030 година – Лидерски обврски за енергетската транзиција“, во рамките на конференцијата за енергетската транзиција во источен Медитеран и во Југоисточна Европа во организација на „Фајненшл тајмс“ и „Катимерини“, учествуваа министрите за енергетика на Србија, Албанија, Грузија, Молдавија, Македонија, како и домаќинот Грција.
Министерката детално се осврна на енергетските проекти што се спроведуваат, потсети на интерконекторот со Грција, за кој рече дека в година планирано е да биде завршен, како и на поврзувањето, исто така преку интерконектор со Србија, што се очекува на крајот на следната година да биде целосно функционален, со што нашата земја ќе биде транзит за природен гас.
– Сите сме согласни дека ни треба повеќе поврзаност, ни треба поголема регионална соработка, ние како кандидати за членство во Европската Унија имаме, би рекла, домашна задача од ЕУ во рамките на реформската агенда – рече Божиновска.
Додаде дека за нас од многу голема важност е и маркет каплингот, односно спојувањето на пазарите на електрична енергија со земји од ЕУ, а ние ќе бидеме споени со Грција.
– Ни требаат повеќе дискусии како оваа, повеќе средби и ни треба поголема регионална интеграција – порача Божиновска.
Во однос на актуелната ситуација на Блискиот Исток ги објасни владините мерки за справување со последиците нагласувајќи дека досега Владата заврши добра работи и се избегна криза во земјата и паралелно изрази надеж дека „прашањето со Иран ќе заврши набргу, во спротивно целиот свет е засегнат“.
– Гледаме дека некои земји од ЕУ, како Словенија и Германија, веќе имаат проблеми. Мислам дека Македонија беше меѓу првите три земји во согласност со критериумите на ММФ за преземените мерки. Имаме најниски цени во регионот, на границите гледаме зголемување за 30-ина проценти на пристигнувањата од Грција и од Албанија за да се снабдат со гориво. Како и да е, имаме резерви за речиси два месеци, но ако оваа војна не заврши, мислам дека за сите земји ќе има големи последици. А ако цената на горивото се зголеми, ќе се зголемат и другите цени, на храната и услугите. Мислам дека досега Владата прави добра работа, немавме криза или нешто слично – нагласи министерката и уште еднаш посочи дека „сите се надеваат дека ова ќе заврши и дека ситуацијата ќе се врати во нормала и цените на горивото ќе се намалат“.
На маргините на конференцијата во Атина министерката имаше и куса средба со шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис. (МИА)








