👁️  1804

Најмалку десет лица загинаа, а четворица се водат како исчезнати по поплавите во централниот италијански регион Марше, пишува Дејли меил.Според локалните медиуми, меѓу исчезнатите во невиденото невреме што го погоди регионот има и две деца.

RaiNews наведува дека неколку жртви загинале бидејќи се обидувале да ги спасат автомобилите од гаражи. Три жртви живееле во иста зграда.

„Беа изненадени од водата и калта“, велат соседите.

Едно лице починало бидејќи не сакало да ја напушти куќата.

„Вујко ми почина можеби затоа што ја потценил опасноста и не сакал да го напушти својот дом“, вели роднина на еден од загинатите.

Објавени снимки од воздух

Хеликоптер за итни случаи снимал потопени автомобили и поплавени улици над Кантијано во регионот Марше. Видеото е објавено на Твитер од италијански пожарникари. За два часа наврна повеќе од 400 мм дожд

Локалните власти соопштија дека не очекувале ваква ненадејна „водена бомба“ бидејќи во четвртокот вечерта паднале повеќе од 400 мм дожд за само два часа, поплавувајќи ги улиците на неколку градови во провинциите Анкона и Пезаро-Урбино.

„Беше како земјотрес“, изјави Лудовико Каверни, градоначалник на градот Сера Сант Абондио за државното радио РАИ.

Стефано Агуци, шеф на цивилната заштита во регионалната влада на Марше, рече дека дождот бил многу посилен од предвиденото. „Добивме вообичаено предупредување за дожд, но никој не очекуваше вакво нешто“, им рече тој на новинарите.

Десетици локални жители се качиле на покривите или на дрвјата за да чекаат спас додека силните поплави ги урнаа вратите и ги зафатија зградите и гаражите.

Во еден град, моќниот наплив на вода турна автомобил на балконот, додека на други места паркираните возила беа стуткани едно врз друго на улиците.

Денеска, жителите беа видени како расчистуваат кал од улиците, додека пожарникарите се мачеа да ги отстранат соборените стебла и гранки додека трагаа по луѓе кои би можеле да бидат затрупани од остатоци.

Во поплавите во текот на ноќта загинаа најмалку десет лица, изјави премиерот Марио Драги, додека четири лица се водат како исчезнати до петок попладне. Околу 50 лица биле згрижени во болница поради повреди.

Меѓу исчезнатите има и две деца, а едно мало момче е однесено од прегратките на неговата мајка во градот Барбара.

Девојче на возраст од околу осум години и друга мајка се исчезнати во Барбара, откако се обиделе да избегаат од поплавите, изјави локалниот градоначалник Рикардо Пасквалини за италијанската новинска агенција АНСА.

Повеќе од 300 пожарникари беа распоредени во регионот, а на снимките се гледа како чекаат во вода до половината во поплавените улици, додека други управуваат со гумени гумени чамци за да ги извлечат преживеаните.