Либанскиот претседател Џозеф Аун денеска изјави дека прекинот на огнот е неопходен прв чекор за сите идни преговори со Израел и дека ова е официјалниот став на Бејрут.
„Од самиот почеток ја информиравме американската страна, која вложува напори и чиј ангажман е ценет, дека прекинот на огнот е неопходен прв чекор за сите идни преговори со Израел“, напиша тој во објава на платформата „X“, додавајќи дека ова е јасно наведено и во соопштението на американскиот Стејт департмент, пренесува Ал џезира.
Аун цитираше американско соопштение во кое се наведува дека Израел „нема да спроведува никакви офанзивни воени операции против либански цели, вклучувајќи цивилни, воени и други државни цели на либанска територија, без разлика дали на копно, на море или во воздух“.
Тој посочи дека ова е официјалниот став на Либан и додаде дека секое тело во земјата кое изразува спротивставени ставови „нема никакво овластување“, што, според катарската телевизија, е протолкувано како критика кон либанската милитантна група Хезболах, која ги отфрли директните преговори со Израел.
„Она што го правиме не е предавство, предавство е кога една земја е воведена во војна за странски интереси“, рече Аун, обвинувајќи го Хезболах дека дејствува како посредник за Иран.
Лидерот на либанската милитантна група Хезболах, Наим Касем, ги отфрли планираните директни разговори на Либан со Израел порано денеска, опишувајќи ги како „тежок грев“ што би ја дестабилизирал земјата.
Непријателствата меѓу либанската милитантна група Хезболах и Израел започнаа на 2 март, кога либанската група испука ракети и беспилотни летала кон Израел во поддршка на Иран, на што Израел одговори со напади врз јужен Либан и јужните предградија на Бејрут, за кои рече дека биле седиште на Хезболах.
Израелската војска започна бран воздушни напади и артилериско гранатирање синоќа откако во напад со беспилотно летало на Хезболах претходно во текот на денот загина еден, а беа ранети шест израелски војници. Според условите на прекинот на огнот, кој стапи на сила на 17 април и беше продолжен за три недели од американскиот претседател Доналд Трамп во четврток, Израел го задржува правото да одговори на „планирани, непосредни или тековни напади“.








