АНАЛИЗА НА МИА: Како Основниот кривичен и Апелационен суд во Скопје ги изиграа 15 осудени на 200 години затвор за „27 април“

Јане Ченто во понеделникот поднесе кривична пријава против поранешната обвинителка Вилма Русковска, тврдејќи дека таа сторила кривично дело во текот на постапката за случајот „27 април“ за да изнуди лажно сведочење на сведок во процесот поради што 15 лица беа осудени за тероризам и добија вкупна казна од над 200 години затвор.

Поводот за ваквиот потег е последната одлука на Апелација од 2 април, со која се одбива барањето на осудените и оштетените од процесот „27 април“: Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски, Никола Митревски Кољо и лицето Ивана Југ — сопруга на сега починатиот Иван Југ, за повторување на постапката во нивна корист. Претходно, на 15 декември, истото го сторил и Кривичниот суд. Осудените велат дека имаат право да добијат нова, пофер постапка во нивна корист поради тоа што по првичната пресуда за тероризам се појавиле нови околности кои, според нив, можат сосема да ја изменат сликата за процесот.

МИА дојде до последното решение на скопска Апелација. Од него се гледа дека осудените во барањето до Кривичен, а потоа и во жалбата до Апелација, се жалат дека имало пропусти во првичната постапка, но и дека имаат индиции дека Русковска сторила кривично дело во постапката и дека тоа резултирало со лажно сведочење на еден од сведоците, што влијаело врз исходот на постапката.

Но, Апелација вели дека ваквите индиции не биле поткрепени со пресуда против Русковска или лажниот сведок, па затоа им го одбива барањето. Но, прашањето е дали пресудата била неопходна или дали апелацискиот совет, составен од судиите Јусуф Ајрулахи — претседател на советот, Лидија Зимбовска и Бетим Јахја — членови на советот, сепак имале законска можност да одлучат да го повторат процесот за кој најголем дел од јавноста смета дека бил претеран, особено во квалификацијата на делото и висината на казните?

Што стои во решението на Апелација?

Апелација ја потврдува само одлуката на Кривичниот суд, тврдејќи дека тој постапил правилно бидејќи немало пресуда за новите околности или, барем, јавнообвинителска одлука дека настапила застареност за делото на Русковска или сведокот.

„Во конкретниот случај, имајќи предвид дека со барањето не е приложена правосилна судска одлука, ниту пак друга одлука со која се утврдува застареност на дејствијата преземени од судијата и јавниот обвинител, правилно нашол судот дека барањето за повторување на овие околности е неосновано. Ова дотолку повеќе што без спроведување соодветна постапка и носење соодветна судска одлука, туку само со изнесување паушални наводи, не може да се претставува факт или доказ од таков карактер кој води кон ослободување на осудените или нивна осуда по поблаг закон. Имајќи го предвид наведеното, бидејќи од страна на осудените лица и лицето Ивана Југ, сопруга на сега починатиот Игор Југ, преку нивниот бранител не е доставен релевантен доказ во однос на сите изнесени околности во барањето, советот правилно не ги прифатил наводите истакнати во барањето како релевантни за донесување поинаква одлука.

Со оглед на сето погоре наведено, а бидејќи во конкретниот случај не се докажани со правосилна судска одлука наводите од поднесеното барање за повторување на постапката, согласно чл. 449 ст. 1 т. 3 од ЗКП, правилно постапил првостепениот суд кога го донел обжаленото решение, поради што следуваше да се одлучи како во изреката на оваа одлука, а согласно чл. 443 ст. 3 од ЗКП“, напишале од Апелација.

Бараат повторување по точка 3, а судот одлучува како по точките 1 и 2

Во Законот за кривичната постапка, повторувањето на постапката во корист на осудениот е дефинирано со членот 449. Во првиот став на овој член се наведени шест основи по кои осуденик може да бара повторување на постапката. За овој случај, клучни се првите три точки:

1. Ако се докаже дека пресудата е заснована на лажна исправа, тонска снимка, лажен исказ на сведок (што како факт се споменува во жалбата на осудените од 27 април во делот со нотарската изјава за лажно сведочење);


2. Ако се докаже дека до пресудата дошло поради кривично дело на судијата, на судијата-поротник или на лице кое ги вршело истражните дејствија (што како факт се споменува во жалбата на осудените од 27 април за тоа дека Русковска како обвинител сторила кривично дело, за што по оваа одлука на Апелација заработи и кривична пријава од Ченто);

3. Ако се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето кое било осудено или негова осуда според поблаг кривичен закон.

И дотука се чини дека Судот оценувал правилно, бидејќи очекувано е за сериозни обвинувања за кривични дела сторени во текот на постапката да се бара пресуда. Но, ниту Апелација, а претходно и Кривичниот суд, не го зел предвид фактот дека иако во жалбата се користат овие две информации (за обвинител со кривично дело и за лажно сведочење), обвинетите овие информации не ги користат како причина за да побараат повторување на постапката, туку како повод. Односно, овие информации обвинетите ги користат како нови околности што би можело да поттикнат сомнеж кај Судот дека правосилната пресуда била донесена на штета на осудените.

Впрочем, жалбата воопшто не е поднесена по член 449 став 1, точка 1 (за лажното сведочење) или точка 2 (за обвинителот со кривично дело во постапката), туку по член 449 став 1 точка 3 — дека постојат нови факти или нови докази што се чинат подобни за осуденото лице.

Зошто е ова битно? Па, различно е одлучувањето на Судот по барањето за повторување на постапката ако се работи за точките 1 и 2 од она што би било по точка 3. За првите точки, веќе рековме, очигледно е дека треба да бидат докажани со пресуда. Јасно е дека за Русковска и за лажното сведочење не постојат пресуди. Единствено што постои е нотарска изјава на сведок дека дал лажно сведочење за настаните од 27 април во однос на обвинетите, по интервенција на обвинителот што го водел делото.

Дали за точката 3 од првиот став на членот (нови факти, нови докази) треба обвинетите да приложат пресуда како доказ за своите наводи? Одговорот е НЕ – за точка 3 не е потребна претходна правосилна пресуда.

Еве детално објаснување зошто е тоа така и каде лежи клучната разлика во толкувањето: Прво, самиот член од ЗКП прави јасна законска дистинкција кога пресудата е неопходна. Ставот 2 од истиот член децидно набројува за кои случаи е задолжителна правосилна пресуда: „Во случаите од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член со правосилна пресуда мора да се докаже дека наведените лица се огласени за виновни за односните кривични дела…“. Точка 3 е исклучена од овој строг услов. За оваа точка (нови факти и докази), Судот во самата постапка за повторување ја оценува нивната тежина и подобност да ја сменат првичната пресуда. Во оваа фаза од постапката, како што напишавме, доволно е тие да поттикнат сомнеж кај Судот дека пресудата за 27 април треба да се преиспита. Впрочем, и во самите точки под 1 и 2 стојат зборовите „ако се докаже“, за разлика од точката 3, каде што такво нешто нема.

Дали индициите за обвинителката и нотарската изјава се „нов факт или доказ“ (точката 3)?

Под оваа точка спаѓаат докази кои не биле изведени на претходното судење, а би можеле да доведат до поинаква одлука – солободителна или поблага за осудените. Дури и ако сведокот кој веќе сведочел сега јавно ја менува изјавата или признава присила, неговото ново признание може да се третира како „нов факт“ по точка 3, токму за да се избегне блокадата од ставот 2 (која бара пресуда за лажно сведочење по точка 1). Постапката за лажно сведочење најчесто „заглавува“ токму затоа што институциите чекаат некој друг да го направи првиот чекор. Ако има јавни индиции или изјави од самиот сведок дека бил приморан, патот за почнување на постапката е отворен. Наместо тоа, Апелација, иако можела овие информации да ги земе предвид како нови околности, оценила дека се работи за паушални изјави на осудените, затоа што тие не доставиле пресуда ниту кривични пријави за сомнежите, што според ЗКП не било неопходно.

А и ова: на Судот на располагање му стоела уште една опција која, ако сакал, можел да ја искористи. Ставот 2 од членот 449 не се однесува само на потребата од пресуда за точките 1 и 2, туку продолжува со реченицата: „Ако постапката против овие лица (н.з. службените лица, сведокот кој лажно сведочел итн.) не може да се спроведе поради тоа што умреле или поради тоа што постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази“.

Тоа значи дека ако постојат околности што го исклучуваат кривичното гонење, фактите од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член можат да се утврдат и со други докази, а не со пресуда.