Азар Алиу на денешната пре-конференција која се одржа за пуштање во употреба на реконструираниот дел од ГОБ „8-ми Септември“ изјави дека реконструкцијата и модернизацијата на здравствените капацитети претставуваат дел од поширок процес на воведување стандарди во македонското здравство.
Во обраќањето при посетата на една од најзначајните јавно-здравствени установи во секундарното здравство, Алиу посочи дека новата инфраструктура е изведена според светски стандарди и дека претставува значаен исчекор за здравствениот систем.
„За нас како Влада и како Министерство за здравство, ова не е само реконструкција на ѕидови, туку реконструкција на начинот како ги планираме и креираме политиките во здравството“, рече Алиу.
Тој нагласи дека здравството повеќе нема да функционира „по навика“, туку врз основа на стандарди и долгорочни стратегии.
Според него, инфраструктурата е еден од клучните столбови на реформите, но промените ќе продолжат и во секојдневната работа на медицинскиот персонал.
„Од стратегиите што ги имавме на хартија, веќе почнуваме реално да ги гледаме проектите реализирани во здравствениот систем“, истакна Алиу.
Тој им се заблагодари на компаниите и конзорциумот што учествувале во реализацијата на проектот, оценувајќи дека новите операциони сали ги исполнуваат сите современи светски стандарди.








