Основниот модел „Ајфон 17“ (iPhone 17) и неговите „Про“ верзии ги зазедоа првите три места според глобалната продажба на паметни телефони во првиот квартал од 2026 година, покажува најновата анализа на компанијата „Каунтерпоинт рисрч“ (Counterpoint Research).
Според извештајот, „Ајфон 17“ е најпродаваниот уред со учество од шест проценти во вкупната светска продажба. Веднаш зад него, на втората и третата позиција, се наоѓаат моделите „Ајфон 17 Про Макс“ и „Ајфон 17 Про“.
На листата на десет најпродавани уреди доминираат „Епл“ (Apple) и „Самсунг“ (Samsung). Јужнокорејскиот гигант е застапен со пет модели од серијата „Галакси А“ (Galaxy A), при што „Самсунг Галакси А07 4Г“ и „Галакси А17 5Г“ се рангирани на четвртото и петтото место. „Галакси А07“ е воедно и најпродаваниот Андроид уред во овој квартал, со особено силни резултати во Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка.
Меѓу првите десет се најдоа и минатогодишниот „Ајфон 16“, како и моделите „Галакси А56“ и „А36“. Единствениот бренд надвор од водечкото дуо на оваа листа е „Шаоми“ (Xiaomi) со својот модел „Редми А5“ (Redmi A5), кој ја зазеде десеттата позиција.
Аналитичарите забележуваат дека иако предводникот на „Самсунг“, „Галакси С26 Ултра“, не успеа да влезе во топ-10, тој бележи подобри почетни продажни резултати во споредба со неговиот претходник, „С25 Ултра“.
Вишиот аналитичар во „Каунтерпоинт рисрч“, Карн Чаухан, истакнува дека пазарот сè повеќе се поларизира.
– Очекуваното забавување на пазарот најверојатно ќе ги погоди корисниците кои бараат поевтини уреди, додека интересот за премиум сегментот ќе продолжи да расте. Овој тренд ќе биде уште поизразен со доаѓањето на новата генерација преклопни телефони, вклучувајќи ги новите модели на „Моторола“, „Самсунг“ и долгоочекуваниот „Ајфон Фолд“, кој се очекува до крајот на годината – вели Чаухан.
Во извештајот се предупредува и на растечките цени на компонентите, особено на РАМ меморијата, што веќе доведе до поскапување на одредени модели кај повеќе производители.








