Најмалку две лица загинаа во руски ракетни напади и напади со дронови врз Украинакоја се соочува со недостиг на системи за противвоздушна одбрана.
Една од руските ракети го погоди пристаничниот град Одеса, каде што две лица загинаа, а едно е рането. Во напад со дрон врз Харков ранети се седум лица.
Во Киев се ранети 11 луѓе во напади со дронови и балистички ракети.
– Цивилната инфраструктура беше погодена уште пред да биде издадено предупредувањето за воздушен напад – изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека спасувачките тимови веќе работат на терен.
– Нашите бранители успеаја да соборат поголем дел од целите, но не и балистичките ракети – додаде Зеленски, уште еднаш повикувајќи ги украинските сојузници брзо да ги испорачаат програмите за помош во противвоздушната одбрана договорени на самитот на НАТО.
Русија лансираше шест балистички ракети, шест крстосувачки ракети и 121 дрон, соопшти украинското воено воздухопловство, прецизирајќи дека соборило најмалку две крстосувачки ракети и 111 дронови.
Поради недостиг на системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, Украина во текот на изминатиот месец се покажа главно немоќна да ги пресретнува балистичките ракети, кои патуваат неколку пати побрзо од брзината на звукот.
Зеленски со недели се жали поради недостигот на ракети-пресретнувачи.
На маргините на самитот на НАТО одржан во Анкара, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе ја овласти Украина сама да произведува ракетни системи „Патриот“.
Според одбранбени експерти, на Украина би ѝ била потребна една година сама да ги произведе, што на краток рок ја остава земјата ранлива на руските ракети.








