Полицијата во Торонто приведе и парично казни маж кој поставил транспарент во центарот на градот со критика кон Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), објави денеска канадскиот тв канал CTV.
Шеесетичетиригодишниот Јан Марацевич потврди дека протестирал во близина на локалниот изложбен комплекс, држејќи транспарент со порака „ФИФА = Алчност“.
Полициските службеници најпрво го замолиле да го отстрани транспарентот, а потоа бил приведен за „незаконски влез“ во комплексот. Мажот бил казнет со 65 долари и пуштен на слобода.
Марацевич, кој е навивач на канадската, рекол дека е незадоволен од цените на билетите за натпреварите од Светското првенство.
Тој посочил дека купил билети за натпреварите на Светското првенство во 2022 година по цена од 50 долари, а најевтината влезница за тековниот мундијалски турнир изнесувала 195 долари за натпреварот меѓу Гана и Панама (1:1).
Цената на влезниците за првиот натпревар на канадската репрезентација на Светското првенство 2026 година против Босна и Херцеговина се движеше од 1.300 до 3.035 долари.
„Фудбалот е сакан низ целиот свет повеќе од еден век и играта отсекогаш била достапна за сите, но сега само оние со пари можат да дојдат на натпреварите“, порача канадскиот навивач. (МИА)







