Макрон во посета на Сирија

Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска пристигна во Дамаск, со што е прв западен лидер во посета на Сирија од соборувањето на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад во 2024 година.

Тоа е прва посета на француски претседател на Сирија од посетите на Никола Саркози во 2008 и 2009 година, пред односите помеѓу двете земји да бидат прекинати по задушувањето на Арапската пролет во 2011 година од страна на режимот на Башар ал Асад.

Сириската новинска агенција (САНА) објави дека Макрон во Дамаск пристигнал со бизнис делегација, а на аеродромот бил пречекан од шефот на сириската дипломатија Асад ал Шабани. Според САНА, посетата на Макрон е историска и клучен чекор во процесот на враќање на Сирија на меѓународната сцена.

Макрон во мај 2025 година во Париз го прими сирискиот претседател Ахмед ал Шара, при што беше упатен апел за укинување на санкциите кон Дамаск. Париз го поддржа новото сириско раководство кога другите беа скептични за исламистичкото владеење на ал Шара и неговото џихадистичко минато.


Во соопштението на Елисејската палата се наведува дека Макрон во Сирија ќе повика на „слободна, повеќепартиска Сирија што ги почитува сите претставници на сириското општество“.

Претходно, ал Шара во интервју за француската телевизија Бе-еф-ем-те-ве ја поздрави „многу конструктивната улога на Франција, која е пријател на сирискиот народ“.

Тој посетата на Макрон на Дамаск ја оцени како „важен чекор за зајакнувањето на односите меѓу Сирија и Франција“. (МИА)