Цеца Малева Стоев е нов претседател на Нотарската комора

Нотар Цеца Малева Стоев од Гевгелија е нов претседател на Нотарската комора на Република Македонија за мандатниот период 2026 – 2029 година.

Како што соопштија денеска од Нотарската комора, примопредавањето на функцијата се извршило на 3 јули во просториите на Комората. Досегашниот претседател, нотар Методија Ристоски, согласно истекот на мандатот, ѝ ја предал функцијата на Малева Стоев, посакувајќи ѝ успешна работа и продолжување на успешното функционирање на Комората.

Новоизбраниот претседател беше избран на Изборното собрание што се одржа на 16 мај годинава во Скопје, на кое истовремено беа избрани и нови членови на органите и телата на Нотарската комора.

– Нотарската комора и во претстојниот период ќе биде посветена на унапредување на нотаријатот како самостојна и независна јавна служба, со цел јакнење на правната сигурност и заштита на правата и интересите на граѓаните и правните лица – се наведува во соопштението на Нотарската комора на РМ.