Германскиот министер за одбрана Борис Писториус за „Билд“ изјави дека сака да спречи ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) да добие пристап до доверливи информации ако влезе во владата.
Како причина за тоа, Писториус ги наведе блиските врски на АфД со Русија. Тој тврди дека е неоспорна блискоста на АфД со рускиот претседател Владимир Путин.
– Чувствителните информации не смеат да паднат во погрешни раце. Интензивно размислуваме кому можеме да му дозволиме пристап до доверливи информации. Веќе го правиме тоа. Имаме обврска да го сториме тоа бидејќи се однесува на безбедноста на нашата земја, истакна Писториус.
АфД, најголемата опозициска партија во Германија, е под истрага на домашните разузнавачки служби во некои покраини поради нејзините екстремистички антиимигрантски ставови. Сите главни партии во Германија одбиваат да соработуваат со АфД. Канцеларот Фридрих Мерц постојано одбива да соработува со партијата.
АфД се надева дека ќе освои апсолутно мнозинство на регионалните избори во септември во покраините Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Западна Померанија, што би можело да ѝ овозможи првпат да управува со германска покраина. (МИА)








