Поезијата е простор на слободата, а јазикот не смее да биде средство за поделби, туку мост што ги зближува луѓето, смета годинашната добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, холандската поетеса Анеке Брасинга. „Златниот венец“ го доживува како огромна чест и признание што не го очекувала, а објавувањето на својата поезија на македонски јазик го нарекува длабоко трогателно искуство. Во интервју за МИА таа споделува дека за неа пишувањето и преведувањето се две лица на истиот творечки чин, едното ги преведува туѓите текстови, а другото сопствените мисли и слики. За малите јазици, како што се холандскиот и македонскиот, вели дека тие секогаш можат да ја одбранат својата автономија со тоа што ќе ја одржат жива својата употреба.
Во текот на вашата кариера добитник сте на бројни награди и признанија. Колку Ви значи „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата?
– Да, па можеби и премногу. Но, оваа награда ја сметам за прилично исклучителна затоа што мислам дека, освен на поетските фестивали, јас сум практично непозната во поширокиот свет на читателите на поезија. Некој како Бродски или Маргарет Атвуд, тие веќе имале глобална публика. А јас, секако, немам, тоа е факт. Така што, бев многу изненадена што ја добив оваа награда. Но, тоа го доживеав како огромна чест. Јас имам преведувано песни од Бродски, па сега се чувствувам повеќе или помалку како негов роднина, што е, се разбира, малку апсурдно, но во исто време тоа е убаво чувство.
Избор од Вашата поезија, преведена на македонски и англиски јазик и објавена во луксузно издание на Струшките вечери на поезијата, беше претставен пред македонската и светската јавност. Какво чувство е да ги видите Вашите стихови како добиваат нов живот на други јазици и допираат до нова публика?
– Да, тоа е огромна работа. Навистина ме трогнува до срце, сето ова што е направено во толку голем обем. Ова се 151 песна, и тоа е направено, со огромно познавање на мојот холандски јазик со таква прецизност и со толку посветено внимание, што јас можам само да бидам полна со воодушевување за едно вакво издание на моите песни што ме прави многу благодарна. Полна сум со благодарност.
Како станавте поетеса и преведувач? Зошто ја избравте токму литературата од сите уметности?
– Како дете, на четири години, сосема случајно научив да читам. Чистачката на мајка ми покажа како. И во тој миг, веднаш, сфатив дека со овие зборови и букви може да се создаде бесконечност од нешта, значења, светови. Па, почнав да читам. Не можев да престанам со читање. И кога пораснав, со завршено образование за книжевен преведувач, можев да го вежбам читањето преку преведувањето, што е еден вид емпатија. Влегувате во книгата и ја вложувате целата своја верба во текот на целото траење на книгата, во она што го читате таму, и се обидувате да направите нова креација од некој еквивалент. И така го проширувате и вашиот опсег на избор. Можете со недели да размислувате за еден збор, како да го направите изборот да го преведете. Така, умот на јазикот е како умот на музиката. Тоа е универзум што се шири како што стареете. Па така, по некое време, не можев да ѝ одолеам на желбата и јас да напишам песна, а тоа беше нешто волшебно. Па продолжував сè повеќе да пишувам, а во исто време продолжив да преведувам книги бидејќи тоа е, всушност, едно исто. Кога преведувате книга, преведувате текст, а кога пишувате песна, ги преведувате вашите асоцијации и слики од умот во говор. Говор на вашиот сопствен јазик.
Природата, љубовта, убавината и ранливоста на убавината се доста присутни во Вашето творештво. Од каде црпите инспирација, објаснете ни го процесот на создавање песна?
– Па, тоа понекогаш започнува со некој стих што ви паѓа на ум, а во други случаи започнува со еден вид јатка, семе. И тоа е исто така аспектот на природата. И тогаш вие, се ослободувате од егото и почнувате да навлегувате, се заслушувате за да си го чуете умот. Да, тоа е исто така, нешто што го научив од Осип Мандељштам. Тој има напишано прекрасни песни, прекрасни есеи за пишувањето поезија. И тој става многу голема тежина на тоа дека треба го слушнете тоа што може да се чуе внатре во себе. И, исто така, кај него има една слика за преминување река со скокање од едно мало чамче во друго чамче, па во трето чамче, па во четврто чамче, сè додека не стигнете на другата страна на реката, и тогаш сте на вашата привремена дестинација – песната. Бил многу добар во наоѓањето метафори за пишувањето. Значи, интересното за песната е што таа никогаш не е завршена. Како што преводот никогаш не е завршен, така и песната станува еден вид домашно милениче. И понекогаш си мислам „Сега ќе го потстрижам миленичето вака или така“, и тогаш почнувам да го преобликувам по малку, не премногу, туку за да го одржам во чекор со мојата моментална состојба на духовен развој.
Интересно е што во вашата поезија комуницирате со многу други автори, како разговор или дијалог?
– Да, да, многу сакам да ги ставам во моите текстови, бидејќи тие имаа толку големо влијание врз мене. Има еден стих од Рилке за „пчелите на невидливото“. И јас го искористив тоа во една песна што ја читав тука, за дама која сонувала дека е стара јазолеста врба и имаат еден вид шуплина каде што птиците слетуваат. И така, прашувам во песната: „Дали конечно доаѓаат пчелите на невидливото?“ И секако, не многу луѓе ќе знаат дека тоа е Рилке, но некои ќе знаат, и тоа е еден вид семејна врска во целиот универзум на поезијата како музичка фраза од Хајдн и Моцарт, како цитати еден од друг. Ете.
Живееме во време на брзи информации и кратки форми на комуникација. Колку е важна поезијата во овие модерни времиња, и може ли уметноста да влијае и да го промени општеството на подобро?
– Таа е многу важна како еден вид манифестација или програма за слобода и етичка важност. Бидејќи денес светот е полн со насилство, ужаси, војни, бомбардирања, инвазии. А за луѓето мора да постои слободен простор за говор како поезијата, каде што можеме да бидеме целосно настрана, или не, не настрана, туку во една друга димензија, па тогаш да имаме размена за тоа како сме загрозени од самите себе, да се изразам така, и што останало од можноста да се оди вон сето тоа. Кон, нема да речам, кон универзално братство, бидејќи тоа е можеби премеко, туку кон еден вид јазик, што нè зближува. Значи, не смееме да го злоупотребуваме јазикот. Јазикот постојано се злоупотребува, па затоа мора да постои место каде што тој се користи, се употребува за да се обидеме да се допреме до другите во метафоричен, симболичен начин, веројатно како апел за слободно размислување.
Доаѓате од мало јазично подрачје, холандскиот е мал јазик како и македонскиот. Какво е вашето мислење за иднината на таканаречените мали јазици?
– Малите јазици? Ах, па, ако другите ги нарекуваат мали, тие секогаш можат да ја одбранат својата автономија со тоа што ќе ја одржат жива нивната употреба и со тоа што ќе го одржат живо нивното знаење и нивните посебни нијанси на човечки детали кои исто така се вклучени во нивната малост како заедници. Тогаш јазикот е еден вид концентрација на тоа зошто тие воопшто се таму, и тоа можеби им дава сила да го зачуваат своето достоинство. Да, не мора сите да бидеме англицизирани или што и да е, или кинезирани. Па така, да, како што вие сте поинакви од мене, во таа разликата има радост. И ако разликата не се прогласува постојано како еден вид категорична поделба како феминизам или родовизам, тоа не мора да биде толку многу во некоја етикета во како го нарекувате ова? Може да биде посубјективно отколку нереалната објективност, знаете.
Кога ќе се вратите во Холандија, што ќе им кажете на вашите пријатели за Струшките вечери на поезијата, за Македонија и македонските традиција и култура?
- Ах, па, дека сретнав некои стари познаници кои не очекував да ги најдам тука, како некои луѓе од Пекинг каде што бев пред десет години. И дека тоа секогаш дава чувство на радост, бидејќи исто така го дава и чувството дека поетите се едно големо семејство. Мојот впечаток за Македонија? Па, мислам дека тоа е земја во вечна еволуција. Се чини дека многу нешта се менуваат, а во исто време се чини дека постои прилично цврста основа на тоа што значи да се биде Македонија. Според мене таа има гостопримилив карактер, бидејќи јас сум тука како гостинка, а и во сите делови на Јужна Европа, слободата на домаќинот кон гостите е традиција. Како кога Одисеј одел секаде, го примале како човечко битие. Имате прекрасни цркви со стари икони и ѕидови со неверојатни, впечатливи, магични слики од 12-тиот или 11-тиот век. Имате многу птици, ги слушате како црцорат сега. И, да, убаво е да се биде тука.
Каква порака ќе испратите до младите автори?
– Мојата порака… Бидете строги кон себе според вашите услови, а не според условите на другите.
Извор: МИА








