Германските федерални обвинители поднесоа обвинение против Украинец кој е обвинет дека помогнал во планирањето на саботажата на гасоводите „Северен тек“ во 2022 година, кои некогаш транспортираа руски природен гас за Германија, потврдија денеска неговите адвокати.
Највисокиот обвинителски орган на Германија во Карлсруе веднаш не ги потврди деталите за обвинението, пренесе ДПА.
Сепак, според извештаите на германските медиуми, федералните обвинители го товарат осомничениот, идентификуван само како Серхиј К. согласно германските закони за приватност, за воени злосторства, предизвикување експлозија со експлозивни направи и уништување инфраструктура.
Инспекторите веруваат дека Серхиј К. ја координирал операцијата во Балтичкото Море, според претходните изјави на обвинителството.
Специјален совет за државна безбедност при Врховниот регионален суд во Хамбург сега треба да одлучи дали ќе го прифати обвинението и кога би можело да почне судењето.
Експлозиите во близина на данскиот остров Борнхолм во Балтичкото Море во септември 2022 година тешко ги оштетија двата гасоводи „Северен тек“, со што целосно прекина протокот на гас. Пред нападот, „Северен тек 1“ транспортираше руски природен гас за Германија, додека „Северен тек 2“ сè уште не беше пуштен во употреба.
Во месеците по почетокот на руската инвазија врз Украина, Москва веќе во неколку наврати ги имаше намалено или целосно прекинато испораките преку „Северен тек 1“.
Серхиј К. беше уапсен во август 2025 година врз основа на европска потерница, додека беше на одмор со своето семејство на италијанскиот брег на Јадранското Море. Тој со месеци се бореше против екстрадицијата во Германија, а во еден момент почна и штрајк со глад, тврдејќи дека со него лошо се постапува.








