Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ се заблагодари на Ирска за нејзината поддршка додека се обраќаше на церемонијата по повод почетокот на претседателството на земјата со ЕУ во Даблинскиот замок денеска попладне.
Украинскиот претседател изјави дека Ирска застанала покрај неговата земја и нејзиниот народ од „самиот почеток“ на руската инвазија. Тој ѝ се заблагодари на Ирска за помошта за време на војната и ѝ го честиташе претседателството со Советот на ЕУ.
Ирска ќе претседава со Унијата во наредните шест месеци, период во кој земјата ќе биде домаќин на стотици состаноци на ЕУ, како и на посети на лидери од целиот блок, почнувајќи од следната недела. Ирската влада соопшти дека нејзините три приоритети ќе бидат насочени кон конкурентноста, вредностите и безбедноста.
За време на својот говор, Зеленски зборуваше и за „компаниите во европските земји чија единствена цел е да работат за Русија“.
– За жал, во Европа има компании кои се во сопственост или под ефективна контрола на Русија и нејзините санкционирани олигарси. Тие и понатаму го снабдуваат агресорот со клучни материјали, дури и сега – рече тој.
Зеленски директно му се обрати и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со апел да се забрза процесот за пристапување на Украина во ЕУ.
Преговорите се структурирани во кластери и поглавја, а Зеленски во својот говор на шега дофрли: „Можеме да отвориме уште пет кластери, Антонио. Што мислиш?“ Од публиката можеше да се слушне како Кошта одговара „можеби“, пренесе ДПА.
Претходно денеска, Зеленски слета на аеродромот „Кејсмент“ во Балдонел, каде што беше пречекан од заменик-премиерот и министер за финансии Сајмон Харис. Премиерот Михал Мартин треба да се сретне со него по завршувањето на официјалната церемонија.
Ова е осми пат Ирска да претседава со ЕУ, а последен пат ја имаше оваа улога во 2013 година. Националната полиција предупреди дека во Даблинскиот замок веќе е во сила полициска и безбедносна операција, која ќе остане активна во текот на следните шест месеци од ирскиот мандат.








