СП 2026: Халанд ја однесе Норвешка во осминафинале

Норвешка е првата европска репрезентација која обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство во фудбал, откако вечерва во Далас триумфираше во првиот круг од нокаут фазата над Брегот на Слоновата коска со 2-1 (1-0).

Норвешка дојде во водство во финишот на првото полувреме со голот на Антонио Нуса, а откако Амад Дијало го израмни резултатот, во вториот дел, Ерлинг Халанд со гол во завршницата ја однесе норвешката репрезентација во осминафиналето.

Натпреварот не донесе возбудувања на теренот до завршницата на првото полувреме кога фудбалерот на Лајпциг, Нуса, со прекрасен гол по соло акција ја донесе Норвешка во водство во 42. минута.

Само минута подоцна, Алекс Сорлот во шеснаесетникот со глава го проигра Халанд чиј удар од непосредна близина беше блокиран од Ибрахим Сангара.


Во вториот дел, Норвешка можеше да го удвои водството во 67. минута, но ударот на Торбјорн Хегем беше блокиран на самата гол линија од дефанзивците на Брегот на Слоновата Коска.

Израмнувањето дојде во 74. минута кога Дијало со фантастичен гол ја заврши својата соло акција во шеснаесетникот на Норвешка.

Пласманот на Норвешка во осминафиналето и пресметката со Бразил ја обезбеди Халанд во 86 минута, постигнувајќи го својот петти гол на мундијалскиот турнир.

Брегот на Слоновата коска се обидуваше до крајот на натпреварот да дојде до второ израмнување на резултатот, а најдобрата шанса ја имаше во шестата минута од судиското продолжение, кога норвешкиот голман Орјан Ниланд одлично го одбрани слободниот удар на Дијало.