ПО ГЕРМАНИЈА И ХОЛАНДИЈА ЕЛИМИНИРАНА: Мароко победи на пенали и се пласира во осминафиналето на СП

Фудбалската репрезентација на Мароко избори пласман во осминафиналето на Светското првенство, откако по подобро изведување пенали со 3:2 ја совлада Холандија. По 90 минути игра и продолженијата резултатот беше 1:1.

Холандија поведе во 72. минута преку Коди Гакпо, кој ја круниса одличната акција започната од голманот Барт Вербруген, а продолжена од Вут Вегхорст и Крисенсио Самервил.

Мароко долго ја бараше шансата за израмнување, а до неа стигна во првата минута од судиското продолжение на второто полувреме.

Шемседин Талби испрати прецизен центаршут, а Иса Диоп со удар со глава го совлада Вербруген за 1:1 и го однесе натпреварот во продолженија.


Во дополнителните 30 минути немаше голови, иако Мароко беше поопасниот противник и создаде неколку добри можности, па победникот беше решен по изведување пенали.

Во пенал-серијата за Мароко прецизни беа Суфијан Рахими, Шемседин Талби и Исмаел Саибари, чиј погодок го донесе големото славје. Неуспешни беа Нил Ел Ајнауи, кој ја погоди пречката, и Ашраф Хакими, чиј удар заврши во стативата.

За Холандија погодија Теун Копмајнерс и Вут Вегхорст, додека Џастин Клајверт ја погоди стативата, Квинтен Тимбер шутираше покрај голот, а голманот Јасин Буну го одбрани решавачкиот удар на Крисенсио Самервил.

Во осминафиналето Мароко ќе игра против Канада, која претходно ја елиминираше Јужна Африка.