Ференц Пушкаш
Кога имав 9 година за прв пат на телевизија гледав натпревари од Светско првенство во фудбал – Велика Британија, 1966г. За прв пат го видов Пеле, воодушевен бев од Еузебио и играта на репрезентацијата на Португалија, а финалниот натпревар помеѓу Велика Британија и Германија, никогаш нема да го заборавам. Татко ми Гога, ме виде дека сакам фудбал и ми рече: Сине најубавиот фудбал се играше од 1954г. до 1962г. Го играа Маџарите(репрезентацијата, Хонвед и Ференцварош), со нивните ѕвезди – Кочиз, Хидекути, Пушкаш, Цибор, Божик. Веднош до нив беа виртуозите од Бразил – Гаринча, Диди, Вава, Пеле, Загало, Џалма и Нилтон Сантос, Амарилдо. Тоа беа бразилските жонглери од репрезентацијата и славните тимови како Сантос, Флуминенза, Борафого, Васко де Гама. Од сите тие имиња, ги запамтив само Пеле, Гаринча и Пушкаш.
Кога пораснав, почнав да гледам видеа од натпреварите на овој фудбалер, се повеќе и повеќе се воодушевував, и барав книги и статии во новини за него, бидејќи се повеќе бев сигурен дека и тој е еден од ретките фудбалски феномени од минатото. Насобрав бааѓимити материјал, па се одважив нешто да напишам за него. Претходно ги изгледав, по незнам кој пат кратките видеа од неговите натпревари и дадените голови. Верувајте ми има што да се види. Ви ги препорачувам.
Од се што видов и прочитав за Пушкаш се уверив дека за него техниката беше на прв план. Ама имаше и неверојатна поврзаност на технички и физички можности. Индивидуалност на највисоко ниво. Имаше невидена техника, завидна брзина и неверојатна интуиција. Неговата цврстина во играта импонираше, прегледноста на играта му беше неограничена, а во водењето на топката, недофатлив. Го нарекуваа и “мајорот-галопер“. Што да се каже за овој феномен, а да е вистинаска слика за него? Интилигенција, техника, кондиција, инспирација.
Пушкаш, Генто, Ди Стефано, од најславните денови на Реал Мадрид(“epoca de oro – златно доба“), играа “триаголник“ со петите. Навистина, фудбалер-феномен. Одигра 84 натпревари за репрезентацијата на Маџарска, а постигна, верувале или не, 85 гола. Стана синоним за гол. Шпанците, поради неговите “бомби“ го викаа “Concito pum“. За фудбалот велеше “топката во голот, тоа е убавина“. А таа фудбалска убавина тој ја покажа и во финалето на олимпискиот турнир во Хелсинки, кога Маџарска ја победи Југославија со 2:0. Тоа беше фудбалски шоу на фудбалски велемајстори од двете екипи. Секако, отскокнуваше Пушкаш, кој даде гол со голем спринт, ја надмудри југословенската одбрана, дури го помина и голманот Беара и елегантен шут во празниот гол. “Лесната коњица“(Гросич, Божич, Хидекути, Кочиз, Пушкаш, Цибор) ја надмудри и надигра една од најдобрите репрезентации на Југославија(Беара, Станковиќ, Црнкоциќ, Чајковски, Хорват, Бошков, Огњанов, Мириќ, Вукас, Бобек, Зебец).
Интересно е што тој е “половина“ на два ненадминати фудбалски тандема: во Реал Мадрид, Пушкаш – Ди Стефано(Пушкаш прецизен техничар, Ди Стефано, фудбалски велемајстор), во Хонвед, Пушкаш – Кочиз(Пушкаш бомбардер, Кочиз, скокач и голови со глава). Кочиз беше неверојатен скокач, квалитетен напаѓач и убитачен голгетер. Да не заборавиме дека тој на светското првенство 1954г. во Швајцарија, беше голгетер и даде 11 гола. Покрај по голови познат беше и по забави, песни, вино и жени. Голгетер-лепоран. Маџарски Дон Џуан. Фудбалски Казанова. Сладок живот и жени колку сакаш.
Во една прилика го прашуваат Пушкаш: Хонвед или Реал Мадрид? Тој одговара, тоа се две епохи, една по друга. Која екипа беше подобра? Еднаш, во Мадрид игравме 5:5. Не ја покажува ли резултатот класата и на едната и на другата екипа?!?
Сеуште се памети натпреварот со Валика Британија на Вембли, кога маџарската “лесна коњица“ го декласираше Гордиот Албион со 6 : 3. Натпреварот е наречен како “натпревар на столетието“. На една страна “професорите“ на Британија, Ремзи, Мерик, Џонсон, Екерсли, Врајт, Дикенсон, Мортенсен, Метјус, Тејлор, Савел, Роб, а од другата страна, учениците Гросич, Бузански, Лантос, Божик, Лорант, Закариас, Будаи, Кочиз, Хидекути, Пушкаш, Цибор. Тоа беше ноќта 1953та кога професорите беа набркани од катедрата. Оваа фудбалска гарда на маџарите, играа математички точно и прецизно. Имаа тимски дух, рационална игра, фудбалска елеганција во движење, многу голови и голем број натпревари само победи, ниту еден пораз. Синтеза на колективноста и индивидуалноста. Спортски и фудбалски триумф на атомската навала на Маџарите. За антологија. И носталгија.
Пушкаш беше пред желбите на гледачите. И во Будимпешта, и во Мадрид, и на било кој стадион на светот каде настапуваше. И по обичај, со Хонвед, Реал Мадрид и репрезентацијата на Маџарска, победуваше, безмалку секогаш. Неговата игра одеше подалеку од визијата на фудбалските стручњаци. Секогаш имаше движење, понапред, појасно, подобро од противниците на фудбалскиот терен.
(продолжува)
Сотир Костов








