Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација, Канцеларијата на СЗО во Македонија и Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствена заштита и безбедност на пациентите во Атина, започна значајна национална иницијатива за зајакнување на квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите во земјата.
Иницијативата ја одразува заложбата на Владата за подобрување на здравствените услуги и постигнување подобри здравствени исходи за граѓаните, во согласност со приоритетите утврдени во Програмата на Владата во делот на здравството. Со поставување на квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите во центарот на здравствените реформи, државава прави важен чекор кон градење посилен, поотпорен и човек-ориентиран здравствен систем.
Иницијативата беше официјално започната на национална работилница во Скопје, на која присуствуваа министерот за здравство, Азир Алиу, претставникот на СЗО во Македонија, д-р Аким Али, и д-р Жоао Бреда, раководител на Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствена заштита и безбедност на пациентите во Атина. На настанот учествуваа и високи претставници на клучните национални здравствени институции, вклучително и директорите на Агенцијата за акредитација и квалитет на здравствената заштита, Фондот за здравствено осигурување и Институтот за јавно здравје, како и претставници на здравствени установи, академската заедница, професионални здруженија и пациентски организации.
Во основата на иницијативата е првата сеопфатна проценка на националната рамка за квалитет на здравствената заштита во државава. Проценката, која ќе се спроведува во периодот мај–август 2026 година, ќе обезбеди јасна слика за постојната состојба и ќе помогне во идентификување на приоритетите за идни реформи, политики и инвестиции.
Отворајќи ја работилницата, министерот за здравство Азир Алиу ја истакна заложбата на Владата за унапредување на квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите како клучни приоритети на националната реформска агенда во здравството.
-Унапредувањето на квалитетот и безбедноста на здравствените услуги е клучна заложба на оваа Влада и важен дел од нашата Програма за здравство. Нашата цел не е само да обезбедиме повеќе здравствени услуги, туку услуги кои се побезбедни, поквалитетни и поориентирани кон пациентот; услуги кои носат подобри резултати, поголема доверба и сигурност за граѓаните. Квалитетот и безбедноста на пациентите не се дополнителен елемент на реформата — тие се нејзината суштина, изјави министерот Алиу.
Процесот на проценка ќе вклучи консултации со здравствени институции, професионални здруженија, академската заедница, пациентски организации и други релевантни чинители, како и теренски посети, технички состаноци, интервјуа и преглед на релевантните политики и практики. Наодите ќе обезбедат основа за зајакнување на управувањето со квалитетот, отчетноста и континуираното подобрување на здравствените услуги.
-СЗО ја поздравува силната заложба на Министерството за здравство и националните партнери да ги постават квалитетот на здравствената заштита и безбедноста на пациентите во центарот на здравствените реформи. Квалитетот е од суштинско значење за постигнување подобри здравствени исходи, зајакнување на довербата на јавноста и обезбедување инвестициите во здравството да донесат конкретни придобивки за луѓето. СЗО останува посветена да ја поддржи Македонија во преточување на наодите од оваа проценка во практични активности кои ќе го зајакнат здравствениот систем и ќе го подобрат искуството на пациентите,“ изјави д-р Аким Али, претставник на СЗО во државава.
За време на посетата на Северна Македонија, д-р Жоао Бреда сподели меѓународни искуства и примери од земји од Европскиот регион на СЗО кои успешно спровеле национални политики за квалитет и програми за подобрување на квалитетот.
-Квалитетот на здравствената заштита е еден од најсилните двигатели на подобри здравствени исходи и посилни здравствени системи. Со спроведувањето на оваа сеопфатна проценка, Северна Македонија покажува лидерство и јасна посветеност кон континуирано подобрување. Овој процес не е само проценка на моменталната состојба, туку и можност да се идентификуваат конкретни области за дејствување. СЗО е горда што ја поддржува земјата во развојот на посилна национална рамка за квалитет, унапредување на безбедноста на пациентите и вклучување на луѓето, како и во градењето култура на учење во здравствениот систем, изјави д-р Жоао Бреда.
Овие заеднички напори ќе помогнат во поставување посилна рамка за квалитет на здравствената заштита и безбедност на пациентите, ќе ги поддржат идните политики и реформи и ќе го забрзаат напредокот кон поефективен, поотчетен и здравствен систем ориентиран кон потребите на пациентите.
Министерството за здравство, Канцеларијата на СЗО во Македонија и Канцеларијата на СЗО за квалитет на здравствена заштита и безбедност на пациентите во Атина ја потврдуваат својата заедничка посветеност квалитетот и безбедноста на пациентите да станат препознатливи карактеристики на здравствената заштита во државата, со цел секој човек да ја добие безбедната, ефективна и висококвалитетна грижа што ја заслужува.







