Иранските фудбалери поднесоа барања за визи за САД и Канада – ќе настапат ли на Мундијалот?

Фудбалската репрезентација на Иран поднесе барања за визи за САД и Канада во турската престолнина Анкара, како дел од подготовките за настап на Светското првенство 2026, кое од 11 јуни до 19 јули ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.

Целиот ирански национален тим присуствувал на термините за издавање канадски визи, додека дел од фудбалерите поднеле и барања за американски визи, бидејќи претходно не успеале да ја завршат процедурата.

Според претставници на Иранската фудбалска федерација, неколку репрезентативци кои настапуваат во странство им се приклучиле на соиграчите во Анкара пред заминувањето во тренинг-кампот во Анталија.

Иран сите натпревари од групната фаза ќе ги игра на територијата на САД. Првиот натпревар е закажан за 15 јуни против Нов Зеланд, потоа следува дуел со Белгија на 21 јуни во Лос Анџелес, а на 26 јуни ќе игра против Египет во Сиетл. Доколку се пласира во нокаут-фазата, на репрезентацијата ќе ѝ бидат потребни и канадски визи.


Подготовките на Иран се одвиваат во Турција, откако домашното првенство беше прекинато, поради што многу играчи останаа без натпреварувачки ритам. Селекторот Амир Галеноеи се обидува да ја подготви репрезентацијата во услови кога голем дел од фудбалерите од домашната лига немаа официјални натпревари повеќе недели.

Иако Иран навреме обезбеди пласман на Мундијалот, подготовките се проследени со неизвесност околу патувањата и безбедносните процедури, особено по тензиите во односите меѓу Иран, САД и Израел. Иранската федерација претходно соопшти дека прашањето со американските визи се решава во координација со ФИФА.

Засега нема официјални информации дали сите членови на иранската делегација ќе ги добијат потребните визи навреме, но во Техеран очекуваат репрезентацијата без проблеми да отпатува на Светското првенство.