МААЕ загрижена поради напад во близина на нуклеарната централа Запорожје

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) изрази длабока загриженост поради нападот во близина на нуклеарната централа Запорожје, предупредувајќи дека тој може да ја загрози единствената преостаната далекуводна линија што во моментов го снабдува со електрична енергија овој енергетски објект, кој е под руска окупација, пренесе Укринформ, повикувајќи се на објавата на МААЕ на социјалната мрежа Икс.

„Нуклеарната централа Запорожје ја извести МААЕ дека нејзината блиска термоелектрана (ЗТЕС), чија разводна постројка помага во испораката на електрична енергија до нуклеарната централа, утрово била изложена на силно гранатирање“, соопшти агенцијата.

Тимот на МААЕ, стациониран во нуклеарната централа Запорожје, пријавил дека забележал слаб чад во правец на термоелектраната и дека слушнал звуци од воени дејства.

Агенцијата нагласи дека инцидентот предизвикува сериозна загриженост во врска со единствената преостаната надворешна електропреносна линија што ја снабдува нуклеарната централа.


„Инцидентот предизвикува сериозна загриженост за единствената преостаната далекуводна линија на нуклеарната централа Запорожје, која во последните недели неколкупати беше прекинувана, оставајќи ја централата целосно зависна од резервните дизел-генератори за електрична енергија неопходна за ладење на нејзините шест реактори и за избегнување на ризикот од нуклеарна несреќа“, наведува МААЕ.

„Засега далекуводот сѐ уште е во функција. Според достапните информации, персоналот на термоелектраната во моментов се наоѓа во засолништа поради нападот“, се додава во соопштението.

Укринформ потсетува дека ноќта меѓу 2 и 3 јули нуклеарната централа Запорожје привремено остана без надворешно напојување со електрична енергија по исклучувањето на далекуводот „Феросполавна-1“. (МИА)