Во пресрет на самитот ЕУ-Западен Балкан закажан за петок во Тиват, Црна Гора, во земјава и натаму се анализираат пораките што во рамките на мини-турнејата завчера од Скопје ги упати првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Имено, она што јасно и недвосмислено беше кажано на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски беше тоа дека уставните измени мора да се направат доколку земјава сака и формално да ги почне преговорите со Европската Унија, анализира НОВА МАКЕДОНИЈА.
Но многу поголемо внимание во анализите предизвикаа други пораки на Кошта, кои, според дел од експертската јавност, уште еднаш ги отворија дилемите за принципиелноста на европската политика на проширување.
– Како што кажав и пред една година. Она што е договорено, е договорено. И треба да се испорача она што е договорено и ништо повеќе од она што е договорено. Тоа значи дека она што е договорено во 2022 година треба да се испорача и ништо повеќе од тоа. Освен тоа, се работи за нормалниот процес на проширување, да се отворат и затворат различни поглавја, различни кластери. И преговорите одат чекор по чекор. Тоа е процес што се заснова на заслуги. Тоа е она што го прават и другите земји кандидати… Но на крајот моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце. Единствениот начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преку преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи – истакна Кошта.
Уставните измени остануваат првиот тест
Без оглед што фокусот на македонската јавност во најголем дел беше насочен кон ултимативниот став изнесен од Кошта во врска со уставните измени, сепак повторно кога станува збор за Македонија на површина исплива европската непринципиелност.
Токму на ваквата недоследност посочуваат нашите соговорници, поранешни и актуелни дипломати, професори и експерти во делот на евроинтеграциите, кои во изјавите на првиот човек на Европскиот совет препознаа отрезнувачки пораки упатени до македонските политички елити да не се повтори грешката од минатото.
– Кошта за време на завчерашната посета на земјава говорејќи за процесот на проширување рече дека се работи за „нормален процес на проширување… што се заснова на заслуги“. Истовремено, во истата изјава потоа додава дека напредокот зависи од „конструктивен дијалог со соседите“. Ако процесот навистина се заснова на „заслуги“ (каде што самиот Кошта нè пофали за реформската агенда, владеењето на правото и целосната усогласеност со надворешната политика на ЕУ), зошто тогаш заслугите се неважни пред билатералниот услов за Уставот? Ова не е ништо друго, освен јасна потврда на тезата дека „заслугите“ се секундарни, а билатералните условувања се примарниот филтер – велат нашите соговорници.
Според нив, со самото одбивањето да се даде директен и јасен одговор (дури и во форма на политичко ветување) за некакви гаранции, всушност Кошта ја потврдува непредвидливоста на процесот и по евентуалните уставни измени.
– Тоа говори и за политичката немоќ на самиот Европски совет како некакво тело во рамките на ЕУ. Имено, Кошта не може да даде гаранции затоа што знае дека внатре во ЕУ, која било земја членка (не само Бугарија) во кој било момент од преговорите (при отворање/затворање на секое поединечно поглавје) може да постави ново вето. ЕУ едноставно не може да гарантира за сопствената непредвидливост – алармираат нашите соговорници.
Двоен аршин или политичка реалност?
Понатаму во неформалниот разговор ни беше посочено дека изјавата на Антонио Кошта во Скопје уште еднаш ја отвори суштинската дилема околу кредибилитетот на европската политика на проширување.
– Од една страна, тој нагласи дека станува збор за „нормален процес на проширување што се заснова на заслуги“, а од друга страна, истиот тој процес го поврза со потребата од „конструктивен дијалог со соседите“. Токму во таа противречност се наоѓа проблемот со кој Македонија се соочува веќе неколку години. Ако Европската Унија навистина го применува принципот на заслуги, тогаш единствените релевантни критериуми треба да бидат реформите, владеењето на правото, демократските стандарди и усогласеноста со европските политики. Кошта и самиот призна дека земјата покажува напредок во повеќе од овие области, вклучително и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Меѓутоа, во пракса се покажува дека исполнувањето на овие критериуми не е доволно. Наместо тоа, напредокот на земјата останува условен од билатерални прашања и односите со соседите, кои формално не се дел од Копенхашките критериуми. Оттука, тешко е да се одбрани тезата дека процесот се темели исклучиво на заслуги кога клучната пречка за отворање на следната фаза од преговорите не е поврзана со реформите, туку со политички услов поставен надвор од преговарачката рамка – потенцираат соговорниците.
Тие сметаат дека пораката што ја добива македонската јавност е дека заслугите се неопходни, но не и доволни.
– Тоа создава впечаток дека постои двоен аршин: еден официјален, кој зборува за реформи и европски вредности, и друг политички, во кој билатералните спорови имаат пресудна тежина. Во такви околности, тешко е да се одржи довербата во принципот на правичност и предвидливост на процесот на проширување. Затоа, изјавата на Кошта наместо да ја расчисти дилемата, всушност ја потврди перцепцијата дека во случајот на Македонија заслугите се само еден дел од равенката, додека конечната одлука и натаму зависи од политички и билатерални условувања. А токму тоа е причината поради која расте чувството дека критериумите не се еднакви за сите кандидати и дека принципот на заслуги сè почесто останува во сенка на политичките компромиси – заклучуваат нашите соговорници, инаку добро упатени во евроинтегративните процеси.








