Научници во Ангола идентификувале над 70 нови видови инсекти

Експерти за природата и див свет за време на научна експедиција на висорамнината Лисима во Ангола, во февруари откриле повеќе од 70 досега непознати видови инсекти, соопшти организацијата за заштита на природата Вилдернес (Wilderness).

Во рамки на истражувањето биле идентификувани осум нови видови вилински коњчиња, три нови видови скакулци, како и околу 60 нови видови пеперутки и молци со впечатливи и разновидни бои. Во истражувањето биле опфатени реките Конго, Окаванго, Замбези и Кванза.Меѓу најинтересните откритија се месојаден оклопен штурец, досега неопишан вид бакарна гасеница и нејзината возрасна форма – пеперутка, како и флуоресцентен пајак со крунест изглед и карактеристики што потсетуваат на рак.Истражувачите откриле и нов вид пајак кој плете мрежа со портокалово црвена боја. Неговата мрежа потсетува на боите на бубамарата. Пајакот ги имитира овие инсекти како одбранбен механизам, користејќи ги впечатливите бои за да се заштити од потенцијалните предатори.

-Оклопните штурци се навистина фасцинантни и изгледаат многу опасно. Тие имаат развиен одбранбен механизам и можат да испрскаат отровна течност кога се чувствуваат загрозени, изјави водичот на експедицијата Роб Тејлор.


Експертите ширум светот во последните години вложуваат големи напори за откривање и документирање на нови видови, во услови на глобална еколошка криза која доведе речиси еден милион растителни и животински видови да се соочат со ризик од исчезнување.

-На Земјата постојат околу 8,7 милиони различни видови живи организми, а науката досега успеа да идентификува и опише приближно 1,5 милиони од нив. Останатиот дел сè уште не е доволно истражен и претставува значаен предизвик за научната заедница во светот,заклучуваат експертите.