Израел и Либан се договорија да го обноват својот кревок прекин на огнот по преговорите со посредство на САД кои се одржаа во Вашингтон, се наведува во заедничкото соопштение објавено од страна на САД, Либан и Израел.
Како што пренесе ДПА, договорот го условува примирјето со целосен прекин на нападите од страна на милитантната група Хезболах, која е поддржана од Иран, како и со повлекување на нејзините борци од областите јужно од реката Литани, во близина на израелската граница, соопштија вклучените земји во заедничката изјава објавена од Стејт департментот на САД.
Договорот исто така предвидува воспоставување на „пилот“ безбедносни зони во кои либанските вооружени сили би презеле ексклузивна контрола, со исклучување на сите недржавни вооружени актери, се вели во соопштението. Засега не е јасно како точно ќе бидат воспоставени овие безбедносни зони.
„Овие чекори ќе овозможат напредок кон сеопфатен договор за мир и безбедност“, се наведува во соопштението.
Конфликтот ги вклучува Израел и Хезболах, шиитското движење кое делува независно од либанската држава и не беше дел од разговорите. Самата либанска влада не е страна во конфликтот и има ограничена контрола врз оваа група.
Договорот следуваше по разговорите на високо ниво со посредство на САД меѓу израелски и либански официјални претставници во Вашингтон вчера и завчера. Засега не е соопштено дали овој најнов договор е временски ограничен. Претходните продолжувања на примирјето беа одредувани за фиксни периоди.
Прекинот на огнот постигнат во април со посредство на САД не успеа целосно да ги запре непријателствата, при што двете страни постојано се обвинуваа меѓусебно за кршење на договорот.
Според соопштението, иднината на односите меѓу Израел и Либан треба да биде одредена од двете влади. Во него се отфрлаат обидите на „која било држава или недржавен актер да ја држи во заложништво иднината на Либан“, што е очигледна референца за Иран, главниот поддржувач на Хезболах.
Во разговорите со САД за рамковниот договор за ставање крај на војната со Иран, Техеран исто така повикува на прекин на конфликтот во Либан.








