Со 7,5 милиони евра помош од глобалните здруженија за заштита на животната средина ќе се заштитува Дримскиот басен од предизвиците со загадувањето. Тоа беше соопштено на 10. Дримска конференција што денеска се одржа во Струга.
Конференцијата е дел од Меморандумот за разбирање за заедничко управување на Дримскиотт басен потпишан во 2011 година меѓу Македонија, Грција, Косово, Црна Гора и Албанија.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски преку видео обраќање истакна дека Дримскиот басен претставува исклучително важна политичка, економска и еколошка платформа на целиот регион, кој низ годините покажа дека заедничката работа и соработка се најдобриот пат за одржливо управување со нашите заеднички природни ресурси.
– Сливот на реката Дрим кој опфаќа неколку земји и култури ја симболизира нашата меѓузависност и нашата колективна одговорност. Но е и регион со огромен потенцијал за развој на инфраструктурата и на туризмот. Нашата определба останува цврста и насочена кон исполнување на среднорочните и долгорочните цели утврдени во меморандумот, со цел зачувување на природното наследство и обезбедување на одржлив развој за идните генерации, рече Николоски.
Во таа насока, посочи дека се очекува формирање на експертски институционални тимови кои ќе го започнат процесот на преговори за подготовка на заеднички меѓународен договор за управување со реката Дрим.
– Нашиот интерес останува насочен кон понатамошно зајакнување на прекуграничната соработка во управување на Охридското и Преспанското Езеро, како и со реката Дрим, како неразделни делови од овој единствен басен. Наша одговорност е да продолжиме да градиме модел на регионална соработка што носи стабилност, просперитет и еколошки и економски интегритет на идните генерации, рече Николоски.
Изрази убедување дека преку заеднички пристап, размена на знаење и координирани политики, можеме поефикасно да одговориме на предизвиците со кои се соочуваме.
Димитрис Фалуцос, заменик регионален координатор во Секретаријатот на GWP-Med вели дека несовесното фрлање отпадоци го загадува еко системот по течението на реката Дрим. Дополнително загадување, нагласи, предизвикува и ѓубривото кое се користи за ѓубрење на земјоделските површини.
– Бидејќи целиот воден еко-систем е поврзан по течението на реката Црн Дрим, може да се лоцираат повеќе места каде што се предизвикува загадување меѓусебно меѓу земјите. На пример, водата којашто извира од Свети Наум, по целото течение на реката Црн Дрим може да се преземаат мерки за да се собере тој отпад, да не предизвикува дополнително загадување во Албанија, истакна Фалуцос.
Тој нагласи дека не може да се лоцира конкретно место дека е најзагадено, затоа што ѓубрето кое се фрла во течението на реката се движи и постојано тече.
– Сега се состануваме за да направиме акциски план во којшто ќе бидат вклучени сите пет земји коишто се во опкружување на Дримскиот басен. Добиваме од глобалните здруженија за заштита на животната средина околу 7,5 милиони евра како помош. Формирани се групи каде што се врши мониторинг на целиот процес. Исто така, имаме технички решенија за земјоделското загадување во Црна Гора, во Косово и во Северна Македонија, рече Фалуцос.
Охридското Езеро и Дримскиот басен, за градоначалмикот на Општина Охрид и претседател на Југозападниот плански регион, Кирил Пецаков, не се само природни ресурси, туку непроценливо природно и културно наследство со исклучително значење за целиот регион и Европа.
– Овој екосистем претставува извор на живот, биолошка разновидност, економски развој и одржлив туризам, но истовремено и наша заедничка обврска кон идните генерации, истакна Пецаков, нагласувајќи ја поддршката на локалмата самоуправа за заштита на природното наследство.
Локалната власт, нагласи, е фокусирана на мерките за намалување на загадувањето на водите, како од дифузните извори, така и од урбаните средини.
– Во таа насока, Општина Охрид веќе реализира конкретни активности за уредување на атмосферските канали и зафати, како и за подобрување на инфраструктурата за управување со отпадните води, со цел директна заштита на езерскиот екосистем. Ќе продолжиме активно да придонесуваме и како Општина и како Југозападен плански регион, во зајакнувањето на прекуграничната соработка во контекст на заштитата на водите во Басенот. Веруваме дека преку координирани и заеднички активности можеме да обезбедиме долгорочна заштита на природните вредности, но и значајни економски придобивки, особено во областа на одржливиот туризам и зелената економија, рече Пецаков.








