Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вечерва имаше средба со учесниците на 14-тата пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир (IPTP), којашто ќе се одржи во Македонското Собрание, под покровителство на претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Да се биде домаќин на овој еминентен меѓународен парламентарен форум е големо признание и чест за Собранието и државата. Темата на пленарната сесија „Унапредување на толеранцијата и мирот: стратешката улога на парламентите во креирањето и донесувањето политики за иднината“ е важен предизвик на денешницата.
За претседателката, парламентарната дипломатија и интерпарламентарниот дијалог се особено важни демократски инструменти, заради директниот легитимитет на пратениците, чиј извор е народот како политичка заедница, односно збир на индивидуи – граѓани, од кои извира и на кои им припаѓа суверенитетот.
Таа укажа на важноста на одржувањето на ваков настан во време на криза на делиберативната демократија, силно нарушена рамнотежа на власта во корист на егзекутивата, растечки меѓународни конфликти и бледи мировни иницијативи.
Според претседателката, Меѓународниот парламент за толеранција и мир ги надминува националните парламентарни агенди и ги обединува пратениците околу универзалните вредности, како мирот и толеранцијата. Неговата примарна цел е да ја разбуди човечката одговорност во оневозможувањето на насилството, промовирањето разбирање и одбраната на човековото достоинство.
„Во свет во којшто ѕидовите често се градат побрзо од мостовите, оваа платформа нè потсетува дека мостовите остануваат најхрабрата архитектура на политиката“, додаде таа.
На учесниците им посака жива, отворена, плодна и мудра дебата, каква што заслужуваат оние кои ги претставуваат – граѓаните!
„Нека овој собир испрати јасна порака од Скопје: дека толеранцијата не е пасивност, мирот не е молк, а парламентарната дипломатија не е протокол.Толеранцијата е активно почитување. Мирот е секојдневна работа. Парламентарната дипломатија е демократија што зборува преку границите“, порача претседателката.
На пленарната сесија учествуваат високи парламентарни претставници, сенатори и пратеници од повеќе држави, како и претставници на меѓународни парламентарни организации.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова.
Почитувани,
Голема чест и искрено задоволство ми претставува да ве поздравам во нашата држава по повод 14-тата пленарна седница на Меѓународниот парламент за толеранција и мир, посветена на тема која тешко дека би можела да биде поактуелна и понеопходна: „Унапредување на толеранцијата и мирот: Стратешката улога на парламентите во обликувањето и донесувањето политики за иднината“.
Сакам да ја изразам мојата благодарност до Меѓународниот парламент за толеранција и мир, меѓународна парламентарна платформа воспоставена во рамките на Глобалниот совет за толеранција и мир, што ја избра нашата држава за домаќин на овој значаен собир. Одблиску ја познавам и високо ја ценам работата на Глобалниот совет за толеранција и мир и неговата доследна посветеност на дијалогот, соживотот и културата на мирот.
Со особена топлина се сеќавам и на мојата посета на Обединетите Арапски Емирати во февруари годинава, кога учествував на Светскиот самит на владите во Дубаи. За време на таа посета имав чест да го посетам Емиратот Фуџеира и, по љубезната покана и гостопримство на Н.Е. Ахмед бин Мохамед Ал Џарван, музејот Ал Ака. Во Обединетите Арапски Емирати од прва рака видов како силните традиции и смелите инвестиции во напредни технологии можат да се спојат во извонредна синтеза. Видов дека иднината не мора да го избрише сеќавањето и дека модерноста може да биде посилна кога е втемелена во наследството.
На Светскиот самит на владите разговаравме за иднината на владеењето, технологијата, иновациите и способноста на државите да одговорат на потребите на граѓаните. Но, токму во тој момент, ескалацијата на Блискиот Исток што подоцна следеше сè уште не беше развиена во обликот што го сведочиме од крајот на февруари наваму. Само кратко време по собирот на лидерите и експертите кои разговараа за иднината, Блискиот Исток повторно беше вовлечен во опасна спирала на конфликт. Овој болен контраст нè потсетува на една едноставна, но длабока вистина: мирот никогаш не е трајна сопственост. Мирот е кревко достигнување што секојдневно се обновува преку мудрост, воздржаност, дијалог и одговорност.
Како што го потсети човештвото Мартин Лутер Кинг Помладиот, мирот не е само далечна цел, туку и средство преку кое стигнуваме до таа цел. Денес таа мудрост ни се обраќа со обновена итност. Живееме во време кога војната повторно влезе во речникот на секојдневната политика, кога цивилите ја плаќаат највисоката цена за стратешките погрешни проценки и кога јазикот на дијалогот премногу често се заменува со јазикот на силата.
Според водечките меѓународни истражувачки институции, глобалната безбедносна средина се влошува. Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот проценува дека бројот на жртви поврзани со конфликти достигнал околу 239.000 во 2024 година. Институтот за истражување на мирот од Осло, заедно со Програмата за податоци за конфликти од Упсала, укажуваат дека 2024 година го бележи најголемиот број меѓудржавни конфликти регистрирани од 1946 година наваму. Проектот ACLED предупредува дека политичкото насилство и изложеноста на конфликти станале дел од секојдневната реалност на загрижувачки голем дел од човештвото. Зад секоја бројка стои човечко лице, семејство, разрушен дом, дете чие училиште станало засолниште, заедница чија меморија е претворена во тага.
Затоа денешниот собир не е церемонијален. Тој е длабоко политички во најблагородната смисла на зборот. Тој е морален. Тој е човечки.
Меѓународниот поредок минува низ период на длабока неизвесност. Мултилатерализмот, кој со децении обезбедуваше рамка за дијалог, компромис и заедничка одговорност, сè повеќе се заменува со мултиполаризација, фрагментација и натпреварувачки сфери на влијание. Довербата во меѓународните институции опаѓа. Глобалните правила премногу често се применуваат селективно. На меѓународното право многумина се повикуваат, но малкумина доследно го бранат. Сведочиме не само на геополитичко ривалство, туку и на сериозна криза на лидерството.
Во таков свет, улогата на парламентите станува незаменлива. Владите преговараат, но парламентите легитимираат. Извршната власт дејствува, но парламентите вршат надзор. Дипломатите градат канали, но парламентарците го внесуваат гласот на граѓаните во меѓународниот дијалог. Затоа парламентарната дипломатија не е замена за класичната дипломатија. Таа е нејзината демократска совест.
Парламентите се места каде што различностите не треба да бидат замолчени, туку слушнати. Тие се институции каде конфликтот се претвора во дебата, каде политичкото несогласување се дисциплинира преку процедура, а мнозинството се потсетува дека демократијата значи и почитување на малцинството. Во таа смисла, секој парламент е, или треба да биде, училиште за мирен соживот.
За мене лично, денешната тема има посебно значење. Како поранешен пратеник, како долгогодишен застапник за човековите права, како поранешен член на Групата независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа на Советот на Европа, како нејзин поранешен потпретседател и како поранешен член на Венецијанската комисија, отсекогаш сум верувала дека институциите се најважни кога страстите се најсилни. Правото, дијалогот, уставноста и демократската процедура не се технички детали. Тие се цивилизациски одговор на произволноста.
Парламентарната дипломатија има единствен капацитет да ги хуманизира меѓународните односи. Таа им овозможува на претставниците на различни народи да зборуваат не само како функционери, туку и како избрани гласови на својот народ. Таа создава мостови таму каде што формалната дипломатија можеби е замрзната. Им овозможува на општествата да се препознаат едни со други надвор од стереотипите, пропагандата и стравот. Нè потсетува дека мирот не се создава само со договори потпишани во свечени сали, туку и преку трпеливи разговори, слушање, разбирање на грижите на другите и одбивање различноста да се претвори во непријателство.
Во еден значаен преоден период како овој, кога разликите сè повеќе се доживуваат како опасност и непријателство, кога се шири перцепцијата дека различните проблеми на државите произлегуваат од „црните овци“ во општеството и кога популизмот и грубата пропаганда сè повеќе го заменуваат длабокото размислување и подготвеноста да се запознае различниот, фактот што ваков настан, кој обединува парламентарци од различни земји, се одржува во нашата држава има особено значење.
Иако повремено прекинуван од краткорочни кризи, нашата држава од независноста наваму успеа да создаде жив модел на демократија, препознатлив по правата и уставните гаранции што ги уживаат малцинствата, често и над меѓународните стандарди. Со векови на ова тло заедно одекнувале звуците на езанот и црковните камбани, додека велигденскиот леб и ифтарските трпези станале заеднички вкусови на нашата колективна меморија. И денес во нашата држава можат да се најдат заеднички свети места што ги посетуваат верници од различни религии и училишта каде деца со различна вера и различен јазик седат во исти клупи. Македонскиот мозаик е модел што не ја негира ниту една од своите бои, туку секоја боја ја препознава како извонредна вредност и посебно богатство на оваа земја.
Затоа толеранцијата за нас не е увезен збор. Таа е дел од нашата живеана историја. Не е секогаш лесна и никогаш не е автоматска. Таа бара институции, образование, храброст и лидерство. Но, таа е возможна.
Дами и господа,
Иднината нема да биде обликувана само од технологијата, вештачката интелигенција, енергетските коридори или воените сојузи. Таа ќе биде обликувана и од моралниот квалитет на нашата политика. Прашањето пред нас не е само каков свет градиме, туку и каков човек создава нашата политика. Дали создаваме граѓани способни за емпатија или толпи обучени за сомнеж? Дали ги образуваме младите за дијалог или ги мобилизираме за огорченост? Дали ги зајакнуваме институциите или ги заменуваме со гнев?
Парламентите имаат стратешка улога во одговарањето на овие прашања. Преку законодавството можат да ги заштитат еднаквоста и човечкото достоинство. Преку надзорот можат да спречат злоупотреба на моќта. Преку јавната дебата можат да ги намалат стравот и дезинформациите. Преку меѓународната соработка можат да изградат мрежи на доверба преку границите. Преку образованието и личниот пример можат да покажат дека несогласувањето не мора да прерасне во омраза.
Меѓународниот парламент за толеранција и мир ја олицетворува токму оваа идеја. Тој ги обединува парламентарците не околу тесна национална агенда, туку околу универзална човечка одговорност: да се спречи насилството, да се промовира разбирањето и да се брани достоинството на секој човек. Во свет во кој ѕидовите често се градат побрзо од мостовите, оваа платформа нè потсетува дека мостовите остануваат најхрабрата архитектура на политиката.
Затоа дозволете ми да ја изразам мојата искрена благодарност до сите почитувани гости кои допатуваа во мојата држава за оваа седница: до претседателите и потпретседателите на парламентите, до претставниците на меѓународните парламентарни организации, до сенаторите и пратениците и до сите што веруваат дека дијалогот не е слабост, туку сила.
Нека вашите дискусии бидат мудри, отворени и плодни. Нека овој собир испрати јасна порака од Скопје: дека толеранцијата не е пасивност, мирот не е молк, а парламентарната дипломатија не е протокол. Толеранцијата е активно почитување. Мирот е секојдневна работа. Парламентарната дипломатија е демократија што зборува преку границите.
Но, нека од Скопје биде испратена и уште една порака. Во времето во кое живееме повеќе нема место за негирање на идентитетите, за инструментализирање на различните толкувања на идентитетот и историјата како алатки за попречување на иднината на една држава и нејзиното општество, ниту за барања за историски ревизионизам. Вклучувањето на парламентите во такви процеси ги прави уште понесреќни. Парламентите треба да бидат чувари на дијалогот, демократскиот легитимитет и човечкото достоинство, а не арени каде историјата станува оружје против иднината.
На 14-тата пленарна сесија на Меѓународниот парламент за толеранција и мир ѝ посакувам голем успех.







