Управата и стручниот штаб на ФК Пелистер поднесоа оставки

Пелистер не успеа да обезбеди опстанок во Првата македонска фудбалска лига по денешниот пораз од Шкендија Арачиново. По поразот оставки поднесоа управата и стручниот штаб.

Во продолжени его пренесува во целост соопштението на битолскиот клуб:

– ФК Пелистер ја известува јавноста дека, по денешниот пораз и испаѓањето на клубот од Првата македонска фудбалска лига, претседателот на клубот, заедно со целокупната управувачка структура, техничкиот директор и целиот стручен штаб, ќе поднесат оставки до градоначалникот на Општина Битола, преземајќи морална одговорност за остварениот резултат.

Во изминатиот период беа преземени бројни активности и направени значителни напори за зајакнување на клубот и обезбедување на негов опстанок во Првата лига, но очигледно вложеното не беше доволно за постигнување на посакуваните резултати.


Покрај поднесените оставки, досегашната управувачка структура бара да се спроведе и целосна ревизија на досегашното работење на клубот, со цел јавноста да биде ослободена од какви било сомнежи во однос на евентуални злоупотреби на финансиски средства и да се потврди нивното наменско и транспарентно трошење.

Со овој чин се презема одговорност за резултатите, но и се остава простор за темелна анализа на досегашните чекори и носење на нови одлуки, сè во интерес на идниот развој и напредок на ФК Пелистер, стои во објавата на фејсбук-профилот на ФК Пелистер.

Во денешниот бараж Пелистер загуби на пенали.