Мицкоски: Нема да има повластени, новиот закон за пушење ќе се спроведува на целата територија на државата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на средба со здруженија, организации и претставници на засегнатите страни посветена на Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун порача дека законското решение е изработено низ инклузивен процес и во консултации со сите чинители, а неговата примена ќе биде еднаква за сите.

Според Мицкоски, законот не е донесен набрзина ниту еднострано, туку по разговори со здруженија, производители, дистрибутери, хотелиери и сопственици на ресторани и ноќни клубови.

„Сакам да бидам краток и прецизен кога станува збор за ова законско решение коешто како и многу други законски решенија коишто можат да поларизираат, не беше носено ад-хок ниту беше носено по принципот на сила, туку беше носено во еден инклузивен процес, заедно во консултации со сите засегнати страни“, изјави премиерот.

Тој оцени дека постигнатото решение претставува компромис кој не ги задоволува целосно сите страни, но ги регулира односите на начин што ќе овозможи заштита на јавното здравје и предвидливост за засегнатите сектори.

„Не постои идеално законско решение, не постои нешто коешто може да биде брилијантно и идеално, но мислиме и цениме дека ова законско решение во голема мерка ги регулира односите коишто треба да се случуваат во едно општество“, рече Мицкоски.

Премиерот информираше дека Предлог-законот следната недела ќе биде разгледуван на владина седница, по што ќе продолжи собраниската процедура.


Во своето обраќање тој нагласи дека една од клучните цели на Владата е намалување на употребата на тутунски производи и подобрување на јавното здравје.

Особен акцент стави на спроведувањето на законот, најавувајќи засилени инспекциски контроли низ целата држава.

„Верувајте ни инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата. Нема да има повластени региони, градови, населени места итн. каде што нема да се почитува законот и за ова јас ви гарантирам, и тука ќе нема никаков пардон“, истакна премиерот.

Мицкоски направи паралела и со други законски решенија кои, како што рече, на почетокот наидувале на отпор, но подоцна дале резултати. Како пример го посочи проектот „Безбеден град“, наведувајќи дека во првите четири месеци од годинава во местата каде што функционира системот е забележано преполовување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи во споредба со истиот период лани.

На крајот од обраќањето, премиерот повторно упати порака дека законот ќе важи подеднакво за сите граѓани и правни субјекти.

„После овој состанок нема да има повластени. Ако некој мисли дека бил повластен, па бил близок со овој, бил близок со оној, па нема да го почитува законот, па него нема да го фатат и слично – се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, па дури и втор пат, но трет пат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани“, порача Мицкоски.