Во рамки на 11-тиот Форум на Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), кој годинава се одржува во Скопје, беше истакната важноста на регионалната соработка како клучен предуслов за стабилен развој, економска поврзаност и зајакнување на институционалните капацитети во регионот.
На Форумот беше посочено дека во услови на современи геополитички, економски и демографски предизвици, заедничкиот и координиран пристап претставува неопходност за создавање одржливи решенија и подобар квалитет на живот за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на спроведувањето на ревидираниот Акциски план на ЕУСАИР, како и на унапредувањето на регионалната соработка во контекст на процесот на проширување на Европската Унија, оценет како стратешка и природна перспектива за земјите од регионот.
Во обраќањето беше нагласена и потребата младите активно да се вклучат во креирањето политики и процеси, со цел создавање нови можности и задржување на младите во регионот преку конкретни и одржливи мерки.
Беше потенцирана и улогата на прекуграничната соработка како еден од најсилните механизми за поврзување на општествата, економиите и институциите, при што беше оценето дека таа претставува мост на доверба, партнерство и заеднички развој.
Во рамки на Форумот беше изразено уверување дека средбата ќе придонесе кон нови идеи, зајакнати партнерства и конкретни чекори за продлабочување на регионалната соработка, со заедничка цел – создавање резултати што директно ќе ги почувствуваат граѓаните.
Од Град Скопје беше испратена порака дека преку заедничка работа, доверба и споделена визија, регионот може да постигне значително поголем напредок и посилна европска перспектива.








