Бојковска за КУРИР: Одговорност и за родителите, но и превентивни механизми, советувалишта, работа со семејствата – ниту едно дете не заслужува да биде жртва!

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека ќе ги замоли пратениците, да побараат измена и дополнување на Законот за основно образование, да вметнат казна за родителот чие дете е сторител на насилство во училиште. По бројните немили настани, се бара решение за проблемот кој е рана на целото општество – насилството меѓу децата.

КУРИР побара одговор од младата пратеничка во македонското Собрание, Драгана Бојковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа оценува дека ако сакаме да изградиме здраво општество, мора јасно да поставиме граници и обврски за сите чинители – и за институциите, и за училиштата, и за родителите.

Ја прашавме Бојковска, ќе добие ли министерката Јаневска поддршка од мнозинството на оваа тема.

-Девијантните појави коишто за жал се појавуваат кај дел од малолетниците во изминативе години сериозно го вклучуваат алармот за итно институционално дејствување. Сите сме согласни дека воспитувањето и основните вредности се носат од домот, но кога одредени однесувања директно влијаат врз безбедноста на децата, наставниците и воспитно-образовниот процес, тогаш државата има обврска да реагира. Лично сметам дека ова прашање заслужува поддршка и сериозен пристап. Не станува збор за казнување поради казна, туку за воспоставување систем на одговорност. Ако сакаме да изградиме здраво општество, мора јасно да поставиме граници и обврски за сите чинители – и за институциите, и за училиштата, и за родителите. Со пратениците веќе се разговара за можни измени на Законот за основно образование со кои би се предвидела одговорност и за родителите кога станува збор за сериозни форми на насилство. Но, многу е важно да потенцираме дека ова не смее да се сведе на дневно-политичка дебата. Кога станува збор за безбедноста на децата, мора да постои општествен консензус. Во таа насока, сметам дека е потребен балансиран пристап – покрај санкциите, неопходни се и превентивни механизми, советувалишта, работа со семејствата и поголема вклученост на стручните служби. Не смееме да дозволиме институциите да реагираат само откако ќе се случи инцидент, рече Бојковска во изјава за КУРИР.

Сведоци сме на често насилство меѓу малолетници во и околу училиштата. КУРИР ја праша пратеничката што мисли дека е неопходно да се направи во оваа насока, овие немили настани да не ни се повторуваат.

-Ниту едно дете не заслужува да биде жртва на врсничко, психолошко или физичко насилство. Тоа се трауми коишто оставаат последици врз развојот на младата личност и врз чувството на сигурност кај сите ученици. Затоа, ова прашање бара системски, а не површен пристап. Основното образование не е само образовен, туку и воспитен процес. Во изминатите години како општество се фокусиравме на формалното образование, а воспитната компонента остана на страна. А токму таму се создаваат навиките, емпатијата, почитта и чувството на одговорност. Според мене, клучни се три работи – едукација, превенција и одговорност. Најпрво, потребна е едукација на младите за последиците од насилството, но очигледно и дополнителна едукација и поддршка за родителите. Денес семејството се соочува со нови предизвици, особено поради влијанието на социјалните мрежи и дигиталната средина. Второ, превенцијата мора да стане реална и видлива. Потребни се повеќе психолози и педагози во училиштата, лиценцирани стручни лица кои навремено ќе ги препознаваат проблемите и ќе работат со учениците. Потребен е и поголем надзор во училиштата, вклучително и подобрен видео-надзор таму каде што е неопходно. Пред две недели, на иницијатива на Клубот за младински прашања и политики во Собранието, којшто во моментов го предводам, организиравме јавна расправа на тема „Влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“. Заедно со институциите, експертите и граѓанскиот сектор разговаравме за конкретни мерки, затоа што ова веќе не е индивидуален, туку сериозен општествен проблем. Во таа насока беа отворени и прашањата за ограничување на користењето мобилни телефони во училиштата, за поголем надзор, но и за нови механизми за заштита на менталното здравје на младите, вели таа.


Бојковска ја потенцира важноста во новата Стратегија за ментално здравје јасно да се препознаат анксиозноста, депресијата и другите психолошки состојби кај учениците, коишто за жал сè почесто се појавуваат на многу млада возраст.  Пратеничката вели дека не можеме да зборуваме за безбедни училишта ако не зборуваме и за менталното здравје на децата.

-И трето – мора да има одговорност. Кога ќе се случи насилство, институциите мора да реагираат брзо и ефикасно. Казнивоста не треба да се сфаќа како репресија, туку како дел од воспитниот механизам на секое здраво општество. Во изминатиот период за жал бевме сведоци на неколку последователни случаи на врсничко насилство, што дополнително ја вознемири јавноста и ја отвори потребата од поодлучно институционално делување. Но, она што е важно е дека институциите реагираа брзо, координирано и без одлагање. Министерството за образование, училиштата, Министерството за внатрешни работи и стручните служби постапија веднаш по пријавите, а токму таквата реакција испраќа јасна порака дека насилството нема да се толерира. Многу е важно младите да видат дека секое недозволиво однесување носи последици и дека системот функционира. Кога институциите реагираат навремено, не само што се заштитуваат жртвите, туку се делува и превентивно кон сите останати. На тој начин се гради доверба кај граѓаните дека државата стои зад безбедноста на децата и дека никој не е над правилата, истакна пратеничката во изјава за КУРИР.

Додека експерти од областа дадоа придонес и поддршка за измените во Законот за високо образование, СДСМ се одлучи да бојкотира и кога станува збор за оваа тема. Кои се нивните аргументи? Зошто опозицијата тера партиска битка и кога станува збор за доброто на студентите и цел еден образовен систем?

-Жалам што и во области каде што треба да постои најширок општествен консензус, дел од опозицијата повторно избира политичка конфронтација наместо конструктивност. Особено кога станува збор за образованието, кое не смее да биде жртва на дневна политика. Факт е дека во подготовката на измените на Законот за високо образование учествуваа професори, експерти и претставници на академската заедница. Се организираа јавни расправи на универзитетите и процесот беше отворен за забелешки и предлози. И самата министерката Весна Јаневска потенцираше дека законот се подготвува во соработка со универзитетите и дека целта е подобрување на квалитетот на високото образование, а не нарушување на автономија. СДСМ главно ја темели критиката на тезата дека законот наводно се носи нетранспарентно и дека ја нарушува универзитетската автономија. Но, од друга страна, гледаме дека постои континуирана комуникација со академската јавност и дека многу од забелешките се разгледуваат и вградуваат во текстот, истакна Бојковска.

Во изјава за КУРИР вели дека нејзиниот впечаток е дека наместо суштинска дебата за тоа како да добиеме поквалитетно високо образование, подобри критериуми, посилна научноистражувачка дејност и поконкурентни универзитети, опозицијата повторно се обидува темата да ја претвори во политички конфликт.

-Ние како власт немаме проблем со критика кога таа е аргументирана и добронамерна. Напротив, образованието бара широка дебата. Но, кога однапред се бојкотира процес во кој учествуваат професори, ректори и стручната јавност, тогаш се испраќа порака дека политичкиот интерес е ставен пред интересот на студентите и иднината на образовниот систем. Како парламентарно мнозинство, ќе бидеме отворени за дебата во собраниската расправа за Законот. Секој предлог којшто ќе понуди поквалитетно решение, ќе биде разгледан и дискутиран, безразлика дали доаѓа како предлог на власта или на опозицијата. Нашата обврска е да градиме реформи коишто ќе создадат поквалитетно образование и подобри услови за младите да останат и да се развиваат тука, во Македонија, заклучи Бојковска.