Значење на Разловечкото востание: Димитар Поп Георгиев – Беровски како водач и организатор (втор дел)

Кога се пишува за Разловечкото востание, како прво востание за ослободување на Македонија и поробениот македонски народ во втората половина од 19-от век, збор-два за раволуционерните традиции и револуционерниот чин на ајдутите, комитите, војводите и партизаните од Македонија, кои се покажаа како богато револуционерно искуство кое ја донесе толку посакуваната слобода на македонскиот народ и нeговата конечно стекната државност. Револуционерните традиции од борбата на македонскиот народ се еснцијата на неговата народноослободителна борба за национална и социјална слобода. Тие поттикнуваат и инспирираат на акција и непокор. Сплотуваат и обединуваат во борба за национално, културно и духовно ослободување од вековен гнет. Претставуваат вистинска нишка на континуитет на револуционерната борба на македонскиот народ  – борба за слобода и борба за своја независна држава. Таа вековна борба има свој историски и временски континуитет. Револуционерниот чин во дејствувањето на македонскиот народ е од круционално значење. Светлите револуционерни примери(Димитар Поп Георгиев Беровски, поп Стојан Разловски, поп Коста Буфски, Дедо Иљо Малешевски, Стефо Николов, Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Питу Гули, Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Пере Тошев, Христо Узунов, Никола Карев, Кузман Јосифовски – Питу, Стив Наумов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Коце Металец, Методија Андонов – Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе, Димитар Влахов и многу други) имаат инспиративно влијание на широките народни маси. Револуционерните искуства од востанијата и буните се мобилизирачки чин, сигнал и повик за дејствување и акција во револуционерниот континуитет, од една мината фаза, во друга идна светла епопеја. Сите заедно придонесуваат за канализирање на прогресивните движења и насочуваат кон вистинскиот пат на развојот на секое ослободително движење. Истовремено ги поттикнуваат основните насоки и устреми на слободољубивите, револуционерни и прогресивни идеи, кои го преобрзуваат целото општество и го прават подобро.

Револуционерните традиции, чинови и искуства ги создавале храбри синови на Македонија, кои дигале буни, востанија и револуции за ослободување на македонците и содавање на македонска држава. Во првиот ред на Таа револуционерна колона стои Димитар Поп Георгиев – Беровски. Тој е голем македонски револуционер и просветен деец, родум од Берово. Познат е како душа на Разловечкото востание. Иницијатор и организатор на Разловечкото востание(мај 1876г.) и Македонското кресненско востание(17 октомври 1878г.). Школуван и образовен Македонец, кој се школувал на Духовната семенарија во одеса(1858 – 1861г.), а подоцна, во Белград се здобил и со воено образование. Против Турците се бори како член на српската востаничка војска, во 1862г. кога Белград е бомбардиран. Кога се вратил во Берово, работел како учител и зема активно учество во борбата против Цариградската патријаршија. Прогонуван е од грчкиот владика и оди во Солун, каде во 1875г. го создава Тајниот револуционерен комитет, во чиј состав биле трите браќа на беровски – Иван, Алекса и Констандиј – како и браќата Еврови, Стојан Цоцов, поп Петре Солунски и др. Следната година, заедно со поп Стојан од село Разловци, најпрвин прави заговоренички круг, а потоа припрема дигање на востание, што и се случило истата година во мај, кога е дигнато познатото Разловечко востание(1876г.). Подоцна Беровски се вклучува во одредот на Дедо Иљо Малешевски и ќе учествува во Руско-Турската војна(1877-78). Активно учествува и во Македонското востание(1878г.), како началник на востаничкиот штаб. Учесник е и во Српско – Бугарската војна(1885г.). Од 1895г. е во редовите на Македонската револуционерна организација и е близок соработник на Гоце Делчев.

Инаку, востанието е водено за општомакедонски цели и под црвено востаничко знаме. На црвеното знаме имало жолто поле во кое бил извезен црвен лав. Знамето имало натпис “Македонија“ и “на 8 мај 1877“. На него биле прикачени две ленти: На едната испишано “Станете“, а на другата “Да ви освобода“. Познато е дека знамето го направиле(извезеле) учителките баба Недела и ќерка и Станислава Караиванова.

 

Знамето на Разловечко востание

Сепак, фактите дека на почетокот турските војници и населението од тој крај биле разоружани и раскажувањата за храбрите акции на востаниците на чело со војводата Димитар Поп Георгиев – Беровски, зборуваат дека ова востание е значаен чекор напред во вклучувањето на македонскиот народ во следните револуционерни и народно-ослободителните движења во Македонија, за време на Источната криза и подоцна, за време на предилинденскиот и илинденскиот период..


Повеќе од јасно е дека Разловечкото востание е настан со чист македонски карактер. Тоа е подигнато од внатрешни причини(економска и социјална потчинетост на македонскиот народ). Изведено е со внатрешни сили, македонски револуционери и тајни кружоци(Разловци, Берово, Солун). Тоа нема никаква врска со Априлското востание во Бугарија. Разловечкото востание го означува почетокот на социјално-политичкото движење во Македонија. Ослободителниот, социјалниот и националниот карактер на востанието произлегува од поставените цели, средствата за нивно остварување и симболите под кои се водело. Во нив го согледуваме почетокот на македонското национално, револуционерно и ослободително движење, кое започна како културно-национално(40-ти години на 19-ти век), продолжи како национално-револуционерно((од 1876 до 1892), еволуираше во политичко-револуционерно(од 1893 до 1903), за да на крајот се афирмира како национално-политичко, во периодот помеѓу Илинден 1903 и АСНОМ 1944(Блаже Ристевски).

Од тогаш, од времето на Разловечкото востание, од подоцнежното Македонско востание(1878г.), и од случувањата после нив, како израз и средства на државно-национални концепции и национални програми, ги имаме: Востаничкото знаме на Разловечкото востание, Пијанечката привремена управа, Устројството на македонското востание од 1878 година, Печатот на началникот на штабот на востанието, Воените правила на Македонскиот востанички комитет од 1879 година, Уставот на Македонскиот востанички комитет од 1878 година, печатот на привремената влада на Македонија и на командантот на македонската војска од 1880 година, како и Манифестот на Крушевската Република од времето на Илинден 1903-та. Сите овие државотворни симболи и акти се темелот врз кој се надоградени државотворните акти на АСНОМ од 02 август 1944-тата. Најконкретно кажано, со ова востание македонското национално движење влегува во една понапредна револуционерна и историска фаза, која го трасирала патот на победоносната оружена револуционерна борба, за да на крајот заврши со Првото заседание на АСНОМ и создавањето на македонска држава.

 

(продолжува)

 

Сотир Костов