ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение упати остри критики кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за, како што велат, „поданички политики“ и „распродавање на националните интереси“.
Од партијата наведуваат дека Филипче „ја славел победата на Бугарија на Евровизија“, што според нив претставува доказ за „слугување на туѓи агенди“ и блискост до бугарските интереси.
„Еуфоријата на Венко Филипче за победата на Бугарија на Евровизија и слугувањето на бугарските интереси како послушен пиун на Румен Радев, се доказ дека Филипче е спремен на сè само за да дојде на власт“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението партијата обвинува дека Филипче и СДСМ немаат јасен став кога, како што велат, Македонија е „понижувана, блокирана и условувана“, додавајќи дека наместо „достоинствена дипломатија и црвени линии“, нуделе „попустливост и молк“.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека политиките на СДСМ довеле до пад на довербата кај граѓаните, тврдејќи дека партијата е „четврта политичка сила во државата“, а Филипче е меѓу политичарите со најниска доверба.
„Македонија нема повеќе простор за политики на понижување, туку за обединување, достоинство и заштита на националните интереси“, се наведува во партиското соопштение.








