Еден од најважните играчи во тимот на Ханси Флик, Фермин Лопез, доживеа сериозна повреда која ја заврши неговата клупска сезона, но што е уште потрагично за младиот фудбалер – го урна неговиот сон за настап на претстојното СП во 2026 година.
Деталните медицински прегледи денеска ги потврдија најлошите стравувања. Официјалното соопштение на Барселона потврди дека 23-годишниот фудбалер заработил скршеница на петтата метатарзална коска на десното стапало.
Овој тип на повреда неизбежно бара хируршки зафат, а процесот на рехабилитација вообичаено трае помеѓу два и три месеци (минимум 6 до 8 недели). Ова значи дека Фермин и дефинитивно нема да биде на располагање на селекторот Луис де ла Фуенте за Мундијалот во САД, Канада и Мексико.







