Завршен е повикот за избор на компанија што ќе ги финансира трите капитални проекти во сферата на здравство и тоа во Штип, Кичево и Тетово. Владата наредната недела ќе ги анализира доставените понуди, најави денеска од Кичево претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
-Што се однесува до проектите поврзани со здравството, знаете дека тие се дел од стратешкото партнерство со Обединетот Кралство. Министерството за финансии веќе имаше меѓународен повик, на кој што бараме компанија, која што ќе ги финансира тие проекти, а практично гаранција ќе издаде Ексим банката на Обединетото Кралство. Тој повик веќе е завршен, ги имаме понудите и веќе во следната недела ќе ги анализираме-изјави Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека станува збор за инвестиција во две фази, од кои во правата фаза е Клиничката болница во Штип заедно со Факултетот за медицински науки и Студентскиот дом, потоа Здравствениот дом со проширена дејност во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Додека во втора фаза од овој проект е големиот Клинички центар во Скопје.
-Така што по завршувањето на евалуацијата и изборот на финансиска институција продолжуваме со реализација на овие проекти-подвелече Мицкоски.
Што се однесува на прашањето за кога ќе се финализира изградбата на затворениот базен во Кичево, премиерот Мицкоски одговори дека овој проект е одглавен и наскоро ќе биде завршен.
-Еден од оние проекти, кои што ги наследавме до фаза до никаде, од претходната Влада на СДСМ и ДУИ беше токму и овој проект во Кичево. Сите пречки се отстранети за продолжување на активностите и очекувам многу скоро да биде завршен, исто како што еден по еден се завршуваат и другите проекти, од оваа природа-рече Мицкоски.
Градоначалникот на општина Кичево, Александар Јовановски додаде дека затворениот базен го затекнале без да има приклучок за струја и како што вели воопшто не било донесено електричен кабел до самиот затворен базен. Но, изминатиот период е целосно реализиран овој дел, направено е и пробно полнење на базенот, останува уште да се асфалтира околу него, односно да се направи пристап, како и паркинг простор и хортикултурно да се уреди околу објектот.








