Шест мигранти, меѓу кои и 14-годишно момче, се пронајдени мртви во товарен вагон на воз во Ларедо, Тексас – соопштија локалните власти.
Три од жртвите се државјани на Мексико, а за другите три се верува дека се од Хондурас. Шефот на полицијата во Ларедо, Мигел Родригез, изјави дека властите веруваат оти мигрантите се жртви на операција за шверцување луѓе и додаде дека сојузните власти ја продолжуваат истрагата.
Возот тргнал од Лонг Бич на 7 мај, а властите веруваат дека мигрантите влегле во вагонот во Дел Рио во саботата. Телата биле откриени во неделата попладне, а според градоначалникот Виктор Тревино, прелиминарните наоди укажуваат дека жртвите починале од топлотен удар неколку часа пред да бидат пронајдени. (МИА)







