Повеќе украински региони останаа без електрична енергија по последните руски напади врз енергетски објекти, соопшти денеска компанијата „Укренерго“.
Според операторот на електроенергетскиот систем, прекини во снабдувањето со струја се пријавени во Черниговската, Днепропетровската, Сумската, Харковската, Одеската и Хмелницката област.
„Укренерго“ соопшти дека на локациите каде дозволуваат безбедносните услови веќе се работи на санација на мрежата и стабилизација на електроснабдувањето.
Од компанијата наведуваат дека потрошувачката на електрична енергија во утринските часови била пониска во однос на претходниот ден, што се поврзува со временските услови и зголеменото производство од соларните електроцентрали.
Властите упатија апел до граѓаните да ја прилагодат потрошувачката на електрична енергија кон периодите кога соларното производство е највисоко, како и да избегнуваат истовремено користење на повеќе посилни потрошувачи на енергија во вечерните часови за да се растерети системот.
„Укренерго“ претходно соопшти дека и претходните денови биле извршени напади врз енергетската инфраструктура, што предизвикале прекини во снабдувањето во повеќе региони, вклучувајќи го и Киев. (МИА)








