„Пролетен поздрав од Австрија-бисери на класичната музика“ со Македонската филхармонија

Во среда, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт насловен „Пролетен поздрав од Австрија – бисери на класичната музика“ во соработка со Австриската амбасада во Скопје. На програмата се увертирата „Розамунда“ од операта „Волшебната харфа“ од Франц Шуберт, Концертот за виолончело и оркестар бр.1 во Це-дур од Јозеф Хајдн и Симфонијата бр.8 во бе-мол – „Недовршена“ од Франц Шуберт.

Елизабет Атл (Виена) започнала да учи пијано на Високата музичка школа и настапувала како солистка и со камерни музички ансамбли, пред да започне да студира диригирање кај Џејмс Мур (САД), Мајкл Гилен (Салцбург) и кај Леополд Хагер (Виена). Нејзиниот прв поголем ангажман бил како помошник диригент во Виенската национална опера во сезоната 1998/99, каде што дебитира диригирајќи ја „Свадбата на Фигаро“. Помеѓу 1999 и 2001 година, Елизабет Атл е ангажирана во Барселона, како асистент на главниот диригент во тамошниот театар, а под нејзина диригентска палка се изведени и неколку изведби на претставите на „Лучија од Ламермур“, „Волшебната флејта“, „Бал под маски“, „Турандот“ и други. Се враќа во Виена во 2001 година, каде што работи во Виенската национална опера до 2009 година, диригирајќи околу 40 различни опери, оперети, мјузикли и балети – „Кармен“, „Травијата“, „Мадам Батерфлај“, „Лилјакот“, „Веселата вдовица“ и многу други. Елизабет Атл соработувала со бројни европски оркестри, меѓу кои и со Филхармонскиот оркестар на Луксембург, Оркестарот на Германската опера во Берлин, Оркестарот на Комичната опера од Берлин, Бранденбуршкиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Милхаус… Во 2011 година, работи со Симфонискиот оркестар на Црна Гора, со кој во 2012 година реализира концерт со австриска музика на композитори од 20 век. Диригирала на Которскиот уметнички фестивал (2014), соработувала со Албанскиот радио симфониски оркестар (2015), како и со Сараевската филхармонија (2017). Во 2023 година започнала да работи со виенскиот оркестар „Orchesterverein der Gesellschaft der Musikfreunde“ и e нивен главен диригент во 2024 година. Сместен во Виенскиот музички центар, оркестарот редовно настапува во реномираната „Златна сала“. Од 2021 година, Елизабет Атл предава како виш уметник на Виенскиот музички универзитет MDW.


Со својата „техничка брилијантност“ и „емотивен израз“, Јеремијас Флидл се етаблираше како еден од најбараните виолончелисти во Австрија. Настапувал на големи фестивали, клучувајќи го фестивалот во Салцбург, Mozartwoche, Schubertiade Hohenems и на фестивалот Mecklenburg-Vorpommern. Како солист, настапувал со Бриселската филхармонија, Националниот оркестар во Лион, Симфонискиот оркестар во Милано, Бремерската филхармонија, Државниот симфониски оркестар во Солун и Данскиот камерен оркестар, соработувајќи со диригенти како што се Стефан Денев, Адам Фишер, Томас Гугеис, Томас Сандерлинг и Емануел Тјекнаворијан. Роден во Клагенфурт во 1999 година, Јеремијас Флидл студирал со Хајнрих Шиф, Клеменс Хаген и Јулијан Штекел. Неговиот деби албум „Transformation“ (Berlin Classics), издаден во 2024 година, беше широко прифатен од критичарите: „раскошна гозба од тембри на виолончело“ (BBC Music Magazine), „брилијантен“ (Die Presse), „волшебен“ (Salzburger Nachrichten). Тој е првиот австриски виолончелист кој беше прогласен за лауреат на натпреварот „Кралица Елизабета“ и свири на виолончелото „ex Gendron“ од 1693 година изработено од Антонио Страдивари.