Муцунски ја повика опозицијата да не ја блокира реформската агенда: Одговорен пристап кон европската иднина, а не дневна политика

Министерот за надворешни работи Тимчо Муциунски ја повика опозицијата да има одговорен пристап за реформската агенда, да придонесе во европската иднина и да ја тргне настрана дневната политика. Соопшти дека во следниот период се очекува „историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст“.

– Европската интеграција не може да биде успешна без сериозност, без одговорност и без минимум национален консензус околу најважните државни прашања. Ова не е процес на една влада и на една политичка партија, ова е процес што ја определува иднината на државата. За Реформската агенда ни е потребен политички дијалог заснован на аргументи, институции и заемна почит, а не на дневнополитички конфронтации што ја поткопуваат довербата во процесот, истакна Муцунски на прес-конференција во Владата.

Како што рече, реформската агенда не е само поарола туку подразбира функционални институции, владеење на правото, незвисно правосудство, држава што работи по европски стандарди., но, исто така, подразбира и чувство на одговорност кон државата.

– Затоа денес сакаме јасно да упатиме повик до опозицијата – да ја тргне дневната политика на страна кога станува збор за европската иднина и да покажеме зрелост и конструктивност околу реформите клучни за државата, особено реформите што се директно поврзани со европската агенда и Планост за раст. Пред се, Изборниот законик и правосудните реформи. Токму тука денес е потребна политичка зрелост. Не декларативна поддршка за Европа на прес-конференции туку конкретна поддршка таму каде што навистина се носат одлуките – во институциите и во Собранието. Ова не се само обични законски измени, туку реформи што директно влијаат врз кредибилитетот на државата, врз владеењето на правото и врз способноста да продолжиме да ги користиме можностите што ги отвораат фондовите на ЕУ, апелира Муцунски.

Нагласи дека секое блокирање, одолговлекување или политизирање на овие процеси не е удар врз владата туку врз европската перспектива на државата и врз интересите на македонските граѓани.


Посочи дека земјата во овој период добива сериозна поддршка и доверба од Европската Унија и затоа, рече, сите чинители имаат обврска да покажат одговорност и да придонесат кон реформите, наместо да создаваат нови политички блокади.

– Остануваме силно посветени на реформите затоа што тие не се важни само за Брисел, туку, пред се, за македонските граѓани и за подобри институции и економија, додаде шефот на дипломатијата.

Укажа дека Реформската агенда е директно поврзана со Планот за раст на ЕУ, механизам кој отвора сериозни можности за инвестиции, инфраструктура и економски развој.

– Сакам да ја информирам јавноста дека во следниот период очекуваме историски висока исплата на средства за државата во рамките на Планот за раст. Тоа е јасен сигнал дека европските институции го препознаваат нашиот реформсми капацитет, сериозниот пристап и институционалната подготвеност. Но, истовремено, тоа е и момент кога политичките чинители треба да покажат одговорност и зрелост. Бидејќи европската иднина не се гради на празни прес-конференции и со дневнополитички поени. Се гради со работа и со реформи и со чувство на одговорност кон државата и кон генерациите што доаѓаат, порача Муцунски.