Сали учествуваше на Третиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда

Во рамки на Третиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда 2024–2027, организиран од European Policy Institute – Skopje (EPI) и Министерството за европски прашања, се дискутираше за досегашниот напредок во спроведувањето на Реформската агенда, како и за конкретните ефекти што овие реформи ги носат за граѓаните и институциите во Македонија.

Состанокот беше реализиран во рамки на регионалниот проект „Monitoring Reforms and Growth in the Western Balkans“, а на него учествуваа претставници на институции, граѓански организации, академската заедница, меѓународни партнери и експерти од различни области.

Беким Сали ја истакна важноста на Реформската агенда како клучен инструмент за институционална трансформација и унапредување на процесот на европска интеграција на Македонија. Тој нагласи дека Македонија беше првата држава во регионот што ја финализираше Реформската агенда и ги потпиша договорите во рамки на Reform and Growth Facility, исполнувајќи ги условите за исплата на предфинансирањето.

Беше истакнато дека досега фокусот бил главно на исполнување на чекорите и обврските, додека сега е време да се зборува и за конкретните ефекти и придобивки што реформите ги носат за граѓаните и институциите.


Во рамки на агендата на настанот се одржаа тематски дискусии за енергетската транзиција и дигиталната трансформација, развојот на приватниот сектор и деловното опкружување, човечкиот капитал, како и владеењето на правото и доброто управување.

Исто така, за време на состанокот беа презентирани наодите од пилот-мониторингот на Реформската агенда и беше дискутиран напредокот во спроведувањето на реформите во тековниот период.

Беше реафирмирана посветеноста за продолжување на реформите и унапредување на процесот на европска интеграција, со порака дека европскиот пат бара резултати, одговорност и долгорочна визија.