Британската кралица-сопруга Камила ја носеше државната дијадема „Џорџ IV“ – едно од најубавите парчиња во британската кралска колекција накит, за време на говорот на кралот Чарлс III на свеченото отворање на Парламентот.
Ова е третпат како кралицата Камила ја носи круната на свечено отворање на Парламентот, откако претходно ја носеше и на отворањето на британското собрание во 2023. и 2024 година, објави „ГБ њуз (GB News)“.
Круната украсена со 1.333 дијаманти е еден од најпрепознатливите бесценети предмети во целата кралска колекција, а е изработена од кралските златари „Рандел и Бриџ“, кои ја примиле нарачката во 1820 година и го завршиле делото во мај таа година. Инаку, дијадемата со првична цена од 8.216 фунти денес се проценува на околу 815.000 фунти (околу еден милион евра) во денешна противвредност. За време на свеченото отворање на Парламентот, кралот Чарлс III носеше државни мантии и Империјалната државна круна додека седеше на престолот во Горниот дом на Парламентот и се подготвуваше да го одржи својот 11-минутен говор.
Свеченото отворање на Парламентот – свеченост што датира од 16. век, ги собира членовите на двата дома на британското собрание за говорот на кралот, кој ја изложува законодавната програма на Владата.
Кралот и кралицата пристигнаа во Парламентот во ирска државна кочија, придружувани од воени оркестри и голема поворка. Говорот на кралот вклучуваше повеќе од 35 предлог-закони коишто, меѓу другото, опфаќаа и прашања поврзани со политиката за животна средина, економски прашања и здравствена заштита.








