СИЉАНОВСКА: Најдобрите правници не се во судството, неопходна е целосна департизација и деполитизација

Реформи во судството може да има само со целосна департизација и деполитизација. Најдобрите правници не се таму. Кога правите луѓе ќе се најдат на правите места, мислам дека се ќе функционира. Ние имаме некои интересни критериуми. Проблемот е ситемтски, но со новата регулатива се остава простор за градење нов систем, рече вечерва претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Во гостувањето на МРТ по повод две години од нејзиниот мандат, Сиљановска-Давкова рече дека е изненадена од одлуката на Обвинителството да ја затвори постапката за ТЕЦ „Неготино“, додека за случајот со поранешниот премиер Никола Груевски очекува разрешница.

Во однос, пак, на Уставниот суд, претседателката гледа поместување и исчекор во неговата работа.

Сиљановска-Давкова и во оваа прилика го искритикува работењето на Судскиот совет. Неговите извштаи, рече, не се како што треба – куси се, без детални анализи, а примерите зошто дошло до дисциплинска, на пример, се минорни. Сега седниците се отворени, но има само по три во месецот.

– Не можам да го коментирам случајот ТЕЦ „Неготино“ зашто се работи за независна судска власт. Очигледно се обидувме и правната рамка да ја европеизираме, да ја демократизираме, да ја усогласиме со правилата што важат во земјите на ЕУ. Но, тоа не е доволно. Реформите во судството вистински почнуваат со иновирана правна рамка, со нејзино спроведување во однос на регрутирањето на највисоките претставнции на судската власт кои се вид гаранција за судската правда. Тоа се неколку реформи во една, не може веднаш да ставите крај на нешто што се развивало до степен ненормалното да стане нормално. Две години се малку, треба време. Очекувам да дојде до промени, со реформирано судство да дојдеме до право, правда, етика и морал во судскиот систем, потенцира претседателката.

На прашањето дали би ја преиспитала одлуката на Обвинителството да се затвори случајот ТЕЦ „Неготино“, одговори дека ова е прашање за јавниот обвинител.

– Малку ме изненади неговата изјава дека не бил инфомирам за се ова. Во судот има начини како да се преиспита дали јавниот обивнител постапил како што треба, да дознаеме дали е постапено како што треба или навистина е прекршено правото кое треба да биде главна цел, да се гонат сторителите на кривичните дела и потоа судот да пресуди. Во случајов тоа е оневзоможено зашто уште на почеток постапката е стопирана, не продолжува, но јас како некој што гледа од страна и што верува во судството, очекувам процес ако е потребна корекција. Не можам однапред да кажам дали е постапено како треба или не, објасни Сиљановска-Давкова.

Таа рече и дека не би можела да каже дали премиерот врши притисок врз судството, но јасно порача дека без поделба на власта и без почитување на уставните и законските спреги и кочници, не може да има владеење на правото, ниту демократска држава.

– Телефонски разговори не можам да коментирам, не знам за што се работи, но можам да кажам дека извршната власт не смее да се меша во судската власт. Да, судот треба да суди, обвинителите да обвинуваат, а Владата да креира и спроведува ефективни политики во сите сфери покриени со министерствата за кои е надлежна. Никогаш нема да коментирам работа на други органи, освен кога предлагам да застанам зад оние што ги предлагам, децидна е претседателката.


Во врска со Груевски, Сиљановска-Давкова потсети дека законите, но и пресудите, мора да важат за сите. Филозофијата на несанкционирање, според неа, не смее да се толерира.

– Сите ние, особено кога сме на функции, посебно на највисоки, остануваме под Уставот и нашата работа треба да биде во рамки на законите. Треба да даваме пример. Пресуди има се уште и тие важат за сите, па и за оние кои се пребегани. Нивниот став е нивен личен, но во оваа држава има систем кој почнува од Министерството за правда. Филозофијата на несанкционирање не смееме да ја толерираме. Не можам да ги коментирам ставовите на Груевски дека се работи за политички прогон, само судот може да каже дали се работи за случај во кој обвинтетиот е невин. За случај во кој има пресуда треба да се постапува согласно законот, а дали ќе дојде до завршница и кога, зависи од екстрадицијата. Не ги врзувам никогаш случаите за падот на некој политичар, тоа не би требало да креира судски политики, туку независно од тоа, судот треба да постапува. Обвинението е овде, кај нас, значи – очекувам завршница, подвлече Сиљановска-Давкова.

Таа смета дека Уставниот суд треба да биде уште поактивен, но, како што напомена, хендикепиран е со уставните одредби.

– Ние сме единствените што немаме закон за Уставен суд. Кога ќе се погледнат одредбите за уставните судии, ќе видите дека нема сериозни одредби за начинот на изборот и условите како „истканат правник“, а и надлежноста е прилично редуцирана. Венецијанската комисија со децении посочува дека Уставниот суд треба да кажува автентично толкување на законите, а не Парламентот. Нема законска пречка да има, на пример, закон за избор за уставните судии. Такви промени ни требаат на Уставот. Компаративните анализи денес, и на европско и на регионално ниво, бележат голема, дури и хиперактивност на уставните судови. Се појавува и страв дека тоа може да доведе до навлегување на уставните судови во законодавната сфера, а нашиот Уставен суд беше апсолутно неактивен. На прсти може да се набројат случаите за човековите слободи и права. Затоа реков дека е како закотвен брод. Немаше ниту јавни расправи, истакна Сиљановска Давкова.

Таа го дели мислењето на граѓаните дека функционерите најчесто не одговараат за сторени кривични дела, за разлика од „обичниот народ“.

– Тоа зборува за влијанијата врз судството. Сме биле сведоци на случаи без завршница, за сомнеж во постапката, за влијанија од страна, за несосдветно постапување. Довербата во судството е клучна – затоа е потребна темелна реформа, потенцира претседателката.

Според неа, треба да се размисли сериозно околу функционирањето на Комисијата за избори и именувања, а секој избор во судството, треба да биде јавен, транспарентен.

– Веројатно има некоја невидлива комуникација штом сите како со чип водени ќе го изберат тој за кој никој не слушнал. Мора да има податоци, соочување со јавноста, образложенија за изборот – тоа е голем процес. Чудно ми е и кога ќе видам еден кандидат само за судија. За секој избор, пред гласањето, треба да им се поставуват прашања на кандидатите од новинари, експерти, невладини организации, граѓаните треба да видат за кого станува збор, да имаме увид во личноста зад која стои ЦВ-то, истакна претседателката Сиљановска-Давкова.