Над 800 илјади евра народни пари од буџетот на Министерството за земјоделство на чело на Љупчо Николовски, без никаков законски основ биле доделени на микро земјоделски производители на вино, објави Алфа. Јавниот повик за фиансиска поддршка бил распишан во 2023 година кога министер за земјоделство беше Николовски, и според наводите 50 милиони денари или околу 820 илјади евра биле доделени на мали семејни винарии.
Парите, според информациите до кои што дојдовме биле доделени спротивно на законите, а освен Николовски, на разговор во полиција биле повикани и двајца тогашни членови во Комисијата за распределба, кои повеќе не работат во Министерството за земјоделство.
Веројатно се собира и документација од Министерството за земјоделство за кривичната пријава која МВР треба да ја достави во Јавното обвинителство. Ова го потврди и Министерството за внатрешни работи.
„Oд страна на Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, по добиени насоки од ОЈО, извршен е службен разговор со три лица во врска со пристигната пријава од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство до ОЈО за сомнение за кривично дело по член 353 од Кривичниот законик „злоупотреба на службена положба и овластување“ во однос на распишување на јавен повик во 2023 година за финансиска поддршка на микро земјоделски производители на вино, каде без никаква законска основа се поделени над 50.000.000 денари (над 820.000 евра), средства од буџетот на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во врска со случајот, побарана е и дополнителна документација од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во насока на целосно расчистување на случајот“ стои во соопштението од МВР.
Николовски пак преку статус на социјалните медиуми тврди дека ова бил монтиран случај, со цел власта да ја нападне според него најусшешната реформа во земјоделството.
„Не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци. Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања.Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси“ пишува Николовски на својот ФБ профил.
Од она што може да се најде и на самиот профил на социјалните мрежи на ексминистерот е дека во март 2023 година бил распишан јавен оглас за семејни винарии по 10 илјади евра грант за модернизација на производството и набавка на соодветна опрема.
Николовски во декември истата година, споделува фотографии дека 87 мали компании за вино добиле државни грантови. Веројатно токму таа програма е предмет на истрага на полицијата за сомнително доделување народни пари. Интересно е што идентичен оглас бил распишан и во 2022 година кога пари им биле доделени на 59 мали винарии.








