Серија потреси во близина на Техеран поттикнаа стравувања од ризик од голем земјотрес

Серија од девет мали земјотреси ја погодија областа Пардис источно од Техеран во текот на ноќта, пренесува новинската агенција „Мехр“, поттикнувајќи стравувања кај експертите и жителите дека иранскиот главен град би можел да се соочи со голема сеизмичка катастрофа.

Повторената активност ги оживеа загриженостите дека акумулираниот тектонски притисок под и околу главниот град, кој се наоѓа во близина на неколку активни раседни линии, би можел во одреден момент во иднина да предизвика многу посилен земјотрес, пренесе Тајмс оф Израел. Иако потресите во оваа област се чести, далеку поретко се случува да се случат неколку последователно.

Потресите, регистрирани во текот на ноќта во источната провинција Техеран, биле почувствувани во област блиску до раседот Моша, една од најактивните сеизмички зони во Иран. Државните медиуми јавија дека еден од земјотресите бил со магнитуда од 4,6 степени, додавајќи дека благата сеизмичка активност не предизвикала жртви или материјална штета.

Полуофицијалната агенција „Мехр“ го цитира сеизмологот Мехди Заре, кој вели дека не е јасно дали потресите претставуваат ослободување на наталожената сеизмичка енергија што би го намалило идниот ризик, или пак се знаци за предупредување за посилна идна активност долж раседниот систем кај Техеран.


Заре предупредува дека ранливоста на Техеран е зголемена не само поради активните раседни линии, туку и поради густиот урбан развој, концентрацијата на населението и ограничената подготвеност. Тој вели дека дури и релативно мали земјотреси можат да предизвикаат прекини во главниот град поради кревката инфраструктура и пренаселеноста, што ја комплицира итната реакција.

Техеран, метрополитенска област со повеќе од 14 милиони луѓе, лежи во близина на големи активни раседи, вклучувајќи ги раседните системи Северен Техеран, Моша и Реј. Иранските експерти постојано предупредуваат дека голем земјотрес во близина на главниот град може да има катастрофални последици.

Иран е меѓу земјите во светот кои се најподложни на земјотреси. Во земјотресот во Бам во 2003 година загинаа повеќе од 30.000 луѓе. (МИА)