Хрватскиот министер за туризам и спорт, Тончи Главина, ги повика сите фактори во туристичкиот сектор да ги намалат цените за 10 до 20 отсто поради очекуваната тешка и нетипична летна сезона погодена од последиците од војната на Блискиот Исток и нарушувањата во меѓународниот транспорт – пренесе ХИНА.
– Сега е моментот за силни промотивни активности и за намалување на цените и маржите во целиот синџир на вредност за да можеме да понудиме заеднички пакет-попусти од 10 до 20 отсто – изјави Главина.
Тој ова го изјави вчера во Сплит за време на веслачката регата, на која учествуваа спортски легенди од Оксфорд, Кембриџ и од Сплит.
Министерот нагласи дека намалувањата се неопходни бидејќи конкурентските туристички земји веќе преземаат слични мерки во обид да привлечат повеќе посетители во услови на неизвесна меѓународна ситуација. Според него, војната на Блискиот Исток директно влијае врз туристичките текови преку прекини во транспортот и отежнати патувања.
Главина ја оцени актуелната туристичка година како специфична и поинаква од вообичаените сезони предупредувајќи дека приспособувањето кон новите услови ќе биде клучно за зачувување на конкурентноста на хрватскиот туризам. Тој посочи дека оваа сезона е важна не само за летните приходи годинава туку и како основа за следната туристичка сезона, која исто така би можела да биде отежната доколку инфлацијата и цените на енергентите останат високи.
Според министерот, сите учесници во секторот – хотелиерите, операторите на кампови, приватните издавачи, угостителите и трговците – треба да покажат флексибилност и да ги намалат цените за да се зачува привлечноста на Хрватска како туристичка дестинација.







