Орбан: Обновувањето на довербата во ЕУ и НАТО е врвен приоритет на Унгарија

Кандидатката за министерка за надворешни работи на Унгарија, Анита Орбан, изјави пред парламентарниот Одбор за европски прашања дека главна задача на унгарската надворешна политика ќе биде обновувањето на довербата и почитта кон Унгарија во рамки на Европска Унија и НАТО.

На сослушувањето пред нејзиното именување, Орбан пред членовите на одборот изјави дека најитно прашање е повторното добивање пристап до средствата од ЕУ „преку враќање на изгубената доверба и исполнување на условите за отворање на патот кон парите што со право им припаѓаат на Унгарците“, пренесе унгарската агенција MTI.

Таа наведе дека барањата на Европската Унија се во согласност со она за што граѓаните на Унгарија гласале на општите избори на 12 април, вклучително и независно судство, чисти и транспарентни јавни набавки, прекин на „туркањето на корупцијата под тепих преку политички врски“, транспарентно трошење на средствата од ЕУ, како и принципот дека „јавните средства не смеат да го изгубат својот јавен карактер“.