ФИЛИПЧЕ „ВО КОАЛИЦИЈА“ СО РАДЕВ: Не почека ни една недела за продолжување на аманетот од Заев, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ со остро соопштение го нападна лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека „трча во прегратките“ на бугарскиот претседател Румен Радев и дека е подготвен за „нова серија на национални предавства“.

Од партијата велат дека Филипче „не може да почека ни една недела“ за да најави продолжување на, како што наведуваат, „аманетот што му го остави Заев“, алудирајќи на уставните измени и односите со Бугарија.

„Јавно вели дека сопствената држава создавала вештачки конфликти со соседите“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека официјалните ставови на Софија се познати и дека Филипче „трча да му се продаде“ на Радев.

Во реакцијата се наведува и дека лидерот на СДСМ се обидувал да ги релативизира националните прашања.

„Филипче вели дека во 90-тите се зборувало за национални теми, а сега не биле битни и на тој начин се обидува да го релативизира македонскиот идентитет и националните интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува дека СДСМ преку најавите за нова програма се обидува да ги убеди граѓаните дека „идентитетот и националните интереси не се важни“, а Филипче, според нив, „се однесува како да е портпарол на бугарските барања“.

Во соопштението се споменуваат и приватните патувања на Филипче, како и неговите активности додека бил во опозиција.


„Венко Филипче се занимаваше со се освен со СДС“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека тој „шеташе во Рим“ и „оди на летен распуст на јахтите на Заев во Грција“.

Од владејачката партија оценуваат дека Филипче е фокусиран единствено на доаѓање на власт.

„Него му е важна само фотелјата на Бихаќка и да дојде на власт за да го продолжи планот за уништување на државата“, се наведува во партиската реакција.

ВМРО-ДПМНЕ ја критикува и политиката на СДСМ во опозиција, оценувајќи дека партијата „од ниеден аспект не е конструктивна“, како и дека по двата изборни порази „сè уште не ја научила лекцијата“.

Во завршницата од соопштението, владејачката партија порачува дека граѓаните повторно ќе ја казнат СДСМ на избори.

„Македонија заслужува опозиција која се бори за интересите на граѓаните, а не опозиција која коленичи пред странски премиери“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.